По покана од Интернационалниот фестивал за изведбени уметности од Шангај, Кина, кој го има своето 21. издание, Рисима Рисимкин деновиве престојува во Шангај, каде што ја претставува работата на „Танц-фест Скопје“ и на „Скопје танцовиот театар“. Фестивалот во Шангај се одвива на неколку нивоа, како панел-дискусии, претстави и презентација на млади уметници. Во рамките на фестивалот се одвиваат повеќе форуми, како и Саем за изведувачки уметности. На овие настани присуствуваат над четиристотини организации од 46 земји, се презентираат 26 претстави, има 10 професионални панели, како и специјална програма „Театар за млади“. Покрај огромниот број уметнички организации од Кина, како најголемите кинески агенции за изведувачки уметности, танцовиот театар „Шангај“, операта „Гуанџо“, Националниот балет на Кина и други, на настанот присуствуваат голем број продуценти, програмери и уметнички директори, продукциски агенции и уметнички агенти од целиот свет, како и претставници на театарот „Садлерс Велс“ од Лондон, театарот „Џојси“ од Њујорк, фестивалот „Единбург фринџ“, Асоцијацијата за танц од Шпанија, театарот „Ла скала“ од Италија и други.
Рисимкин смета дека ова е извонредна можност за создавање нови конекции, споделување на искуствата и можност за пласман на наши уметници надвор, поточно низ целиот свет.
– Навистина е извонредно да се биде во друштво на врвни уметници и организации од целиот свет, притоа со можност за презентација на нашите вредности и квалитетни програми и продукции, какви што имаат „Танц-фест Скопје“ и „Скопје танцовиот театар“. Темпото е многу интензивно, огромен број присутни и многу средби и состаноци. Имавме можност да ги видиме најновите достигнувања во областа на технологијата и уметноста, големи иновативни продукции беа презентирани, како и нови хоризонти во претприемаштвото во изведбените уметности. Светот на изведбените уметности се развива со голема брзина на светско ниво, виртуелноста и новите технологии влегуваат на голема врата, со што се отвораат можности за нова публика. Основна цел за мене е да пренесам дел од овие искуства кај нас, за да можеме да го фатиме чекорот со светот. Мислам дека ќе има одлични идни проекти – вели Рисимкин.