Лисабон – Португалската Социјалистичка партија освои мнозинство од гласовите на изборите, благодарение на што ќе остане на власт и наредните четири години. Социјалистите освоиле помеѓу 36 и 40 отсто од гласовите, меѓутоа може да имаат помал број пратеници од претходно, поради што е можно да формираат коалиција со некоја од партиите. По претходните избори, социјалистите формираа коалиција со Комунистичката партија и радикалниот левичарски блок.
Техеран – Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамеини, ги обвини непријателите дека се обидуваат да предизвикаат раздор помеѓу Иран и соседен Ирак. Тој не наведе кои се непријателите, а неговата порака е објавена како реакција на демонстрациите во Ирак, главно во Багдад и во мнозинско шиитскиот јужен дел на земјата, на кои се бара оставка од Владата поради корупцијата, како и економски реформи.
Москва – Пет лица, меѓу кои и четири деца, загинаа во пожар што избувна во станбена зграда во Волоколамск, во московската област. Во пожарот се повредени три лица. Регионалното министерство за вонредни состојби соопшти дека меѓу загинатите се една 30-годишна жена и нејзиното двегодишно дете, кои се задушиле од густиот чад додека се обидувале да побегнат од запалената зграда.
Берлин – Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер предупреди на опасноста од нов бегалски бран во ЕУ, кој би можел да биде многу поголем од оној во 2015 година. Зехофер порача дека Турција многу се труди кога станува збор за прифаќањето на бегалците. Според него, мора да се заборават проблемите од минатото и да се стори повеќе за Турција.
Стокхолм – Нобеловата награда за физиологија и медицина ја добија двајца американски и еден британски научник за нивните откритија за тоа како се чувствуваат клетките и се приспособуваат на достапноста на кислород. Институтот „Каролинска“ во Стокхолм соопшти дека истражувањата на Вилијам Келин, Питер Ретклиф и Грег Семенца го откриле механизмот за еден од најсуштинските приспособливи процеси на животот.