Американскиот државен секретар Мајк Помпео до 6 октомври ќе биде на турнеја по Европа, во чии рамки ќе ги посети Италија, Ватикан, Црна Гора, Македонија и Грција. Во делегацијата на Помпео е и заменик помошникот државен секретар задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер, соопшти Стејт департментот.
Помпео, кој синоќа се сретна со италијанскиот премиер Џузепе Конте, ќе го посети Ватикан каде ќе се сретне со папата Франциск и кардиналот Пјетро Паролин, додека во Рим ќе има средба и со претседателот Серџо Матарела, како и со министерот за надворешни работи Луиџи ди Маја.
Американскиот државен секретар в петок ќе престојува во Црна Гора каде се планирани одвоени средби со претседателот Мило Ѓукановиќ, со премиерот Душко Марковиќ, како и со министерот за надворешни работи Срѓан Дармановиќ.
Потоа, Помпео се очекува да допатува во Македонија каде ќе разговара со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и други владини претставници, а за време на обиколката на Охридско Езеро, предвидена е и посета на манастирскиот комплекс Перивлептос. Помпео ја завршува својата европска турнеја во Грција каде треба да се сретне со премиерот Кирјакос Мицотакис и министрите за надворешни работи и одбрана.