Работна група на косовската влада почнала со изработка на нов нацрт за формирање заедница на општините со српско мнозинство и очекува тој да биде завршен за четири месеци. Меѓутоа, правни експерти сметаат дека е потребно повеќе од декларативна подготвеност за да се реши тоа прашање, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Владан Михајловиќ, декан на Правниот факултет во Северна Митровица, кој е дисперзиран дел од Приштинскиот универзитет, смета дека за формирање на заедницата се потребни измени во Уставот на Косово.
Михајловиќ, како што е соопштено, овој став го изнел на завчерашната средба со работната група, по што владини претставници изјавија за весникот „Зери“ дека нацртот што ќе биде изработен ќе му биде испратен на Уставниот суд за да оцени дали е во согласност со косовскиот устав.
По инцидентот од март оваа година, кога во Митровица беше уапсен и протеран директорот на српската канцеларија за Косово, претставниците на Српската листа им дадоа ултиматум на косовските власти дека ако не ја формираат веднаш заедницата, тие ќе го направат тоа самите на 20 април. Меѓутоа, во меѓувреме, без никакво образложение, се откажаа од таа намера.
Официјален Белград и косовските Срби остро протестираат поради одолжувањето на формирањето на Заедницата на српски општини, за што Приштина е обврзана со договорите потпишани во Брисел.
На формирањето на асоцијацијата, од друга страна, жестоко се спротивставуваат албанските опозициски партии, пред сѐ Самоопределување, кое во минатото организираше и доста насилни протести против заедницата. Додека беа во опозиција против беа и ААК на актуелниот премиер Рамуш Харадинај и „Нисма“ на вицепремиерот Фатмир Лимај.