Знаците и влијанијата од климатските промени, како што се покачувањето на нивото на морето, топењето на мразот и екстремните временски неприлики се зголемиле во периодот од 2015 до 2019 година, што претставува и најжешкиот петгодишен период во историјата на мерењата, се вели во извештајот на Светската метеоролошка организација (ВМО).
Концентрациите на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата, исто така достигнала рекордно ниво, според Глобалниот извештај за климата 2015-2019, објавен пред Самитот на климатска акција на Генералниот секретар на ОН.
Се забележува дека глобалната просечна температура е зголемена за 1,1 Целзиусови степени од пред-индустрискиот период, а за 0,2 степени во периодот 2011-2015 година.
Извештајот на ОН дава единствена проценка за состојбата на планетата која е изложена на се поголеми климатски промени, при што се нагласува потребата од итно дејствување.
Кога станува збор за концентрацијата на стакленички гасови, се укажува дека во последните четири години се забележува постојан пораст на нивоата на јаглерод диоксид и други штетни гасови за скоро 20 проценти во однос на претходните пет години.
– Причините и влијанието на климатските промени се зголемуваат, а не забавуваат. Порастот на нивото на морето се забрзува, а ние сме загрижени дека ненадејното топење на ледената прекривка на Антарктикот и Гренланд ќе продолжи и во иднина. Како што видовме годинава со трагичните ефекти на Бахамите и во Мозамбик, зголемувањето на нивото на морето и интензивните тропски бури доведоа до хуманитарни и економски катастрофи – изјави генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Талас.