Треба да се почека додека со сигурност не се дознае извршителот на нападот на Саудиска Арабија, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, но тој сепак остана на ставот дека Иран стои зад тој напад. Трамп истакна дека сaка да избегне судир и дека треба да се почека.
После средбата со бахреинскиот принц наследник Салман бин Хамад Ал-Калифа, Трамп рече дека е решен да му помогне на својот саудиски сојузник, но сака да избегне војна со Иран. Американскиот претседател претходно го „прозва“ Иран во врска со нападот на нафените постројки во Саудиска Арабија, доведувајќи ги во прашање тврдењата на Техеран дека нема ништо со тој напад.
-Сетете се кога Иран собори дрон, тврдејќи дека бил во нивен воздушен простор, а всушност не беше ни блиску. Цврсто се држеа до таа приказна знаејќи дека тоа е голема лага. Сега велат дека немаат ништо со нападот во Саудиска Арабија. Ќе видиме – напиша Трамп на Твитер.
САД вчера објавија снимки од сателит, а цитираа и податоци од разузнавачки агенции кои тврдат дека Иран стои зад нападот врз саудиските нафтени постројки.
Иран негираше вмешаност во воздушните напади што се случија во саботата, а претходно бунтовниците Хути во Јемен, кои имаат поддршка од Иран, ја презедоа одговорноста за нападите.
Инцидентот доведе до глобално намалување на резервите на нафта за пет проценти и предизвика зголемување на цените на нафтата. По првичното зголемување, дојде до стабилизацијата на цените откако американскиот претседател Доналд Трамп овозможи пуштање во промет на американските резерви.