Околу 2.500 луѓе се наоѓаат на списокот за исчезнати по разорниот ураган Доријан кој ги погоди Бахамите. Според надлежните можно е на листата да се наоѓаат и луѓе кои се спасиле од ураганот и засолниште пронашле ширум архипелагот.
-Сè уште не сме го споредиле списокот со државните записи за тоа кој отишол во засолниште и кој сѐ е евакуиран. Обработката на базата на податоци е во тек – рече Карл Смит, шеф на Националната агенција за управување со вонредни состојби.
Илјадници луѓе сè уште се наоѓаат во засолништа на различни острови, а во моментов има официјален податок за 50 мртви во невремето коешто на први септември ги погоди Бахамите.
Доријан е еден од најсилните урагани коишто се забележани досега, а беше проследен со ветрови од 298 километри на час. Околу 5.000 луѓе беа евакуирани на островот Њу Провиденс.