Вечерва во Куманово, во чест на јубилејот 90 години од постоењето на женскиот ракомет во градот, во меѓународен пријателски ракометен натпревар ракометарките на Куманово загубија од екипата на Паок од Солун со 31:33 (13:15)
Што се однесува, пак, до вечерашниот натпревар, тој се одигра во склоп на припремниот период на екипата на ЖРК Куманово за престојниот двомеч со екипата на Славија од Прага, кој ќе се одигра наредниот викенд во Куманово во рамките на европската ракометна лига. Вечерашниот натпревар главно помина во изедначена игра од страна на двете екипи, а во него победникот беше одлучен дури во последните минути во коишто гостинските ракометарки за нијанса беа поснаодливи од домашните ракометарки, па на крајот сепак стигнаа до заслужена победа.
Иако домашните ракометарки првото полувреме го загубија со негатива од два гола (13:15), тие во второто полувреме заиграа подобро и беа во постојана позитива од еден, два или три гола и имаа контрола врз играта и врз резултатот, се до две – три минути пред крајот кога имаа водство од 31:29, но во последните моменти од натпреварот имаа голем пад на концентрацијата при што пропуштија и неколку меч-топки поради што на крајот беа казнети од гостинската екипа и доживеаја минимален пораз.
Што се однесува, пак, до квалитетот на составот на екипата на ЖРК Куманово, тој во однос на минатата сезона со засилувањата на играчкиот кадар: голманот Катерина Косановиќ, бековите Леонида Гичевска од Металург и Ангела Јанкуловска од Пелистер, како и кружниот напаѓач, Грузијката Медеа Чокели од Пелистер, но секако и новиот тренер Симе Симевски, кој воедно е и селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија е многу подобар и поквалитетен и од него во иднина се очекуваат навистина врвни резултати, како на домашната така и на меѓународната сцена.
Најдобри стрелци на натпреварот кај ЖРК Куманово беа Ангела Јанкуловска со 8 и Медеа Чокели со 5 гола, додека, пак, во победничката екипа на Паок, Ферфоља Теља и Гаџју Васка со по 9 постигнати гола.
Т.Д.