Маневрите на воените морнарици на САД и десет земји од Југоисточна Азија што почнаа вчера, за експертите се уште еден показател за зголемувањето на американско-кинеското ривалство. Во маневрите учествуваат осум американски воени брода, четири авиони и над илјада војници, а ќе траат пет дена во Тајландскиот Залив и Јужно Кинеско Море.
Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео учествуваше на регионалниот самит со десет земји-членки на Организацијата на држави од Југоисточна Азија (АСЕАН), за, како што пренесуваат светските агенции, промоција на индопацифичката стратегија на претседателот Доналд Трамп. Тоа, според многу експерти, претставува провокација за официјален Пекинг додека се води трговската војна со Вашингтон.
САД и Кина се натпреваруваат во Јужно Кинеско Море, кое е богато со ресурси, за кои Пекинг тврди дека се кинеска надлежност, додека, пак, Виетнам, Филипините, Малезија и Брунеи тврдат дека исто така имаат право на енергетските резерви. Азискиот гигант ги поддржува своите претензии на суверените над оваа поморска зона, витална за светската трговија, преку изградба на вештачки утврдени острови и инсталирање различно вооружување. Од друга страна, администрацијата на Трамп тврди дека кинеските активности претставуваат голема закана за безбедноста во регионот.