На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров вчера и денес во Хелсинки учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ.
Дискусиите на состанокот беа фокусирани на регионалната соработка за прашања од заемен интерес на Европската Унија и земјите од Западен Балкан.
– Во поглед на нашите европски очекувања во октомври, покрај одредени предизвици и несовршености, она што го постигнавме изминативе две години несомнено заслужува и дефинитивна валидација од нашите европски пријатели. Притоа би сакал уште еднаш да потенцирам дека нашата европска приказна е отпочната одамна и верувам ќе се согласите дека е дојден мигот за следниот чекор кон продлабочен европски пат, кој води кон комплетирање на Европа. И тука сите ние го немаме луксузот да се дозволи да бидеме колатерална штета на какво било друго прашање што не е во наши раце – рече Димитров.
По состанокот беше одржан и работен ручек на кој Министрите разговараа на теми посветени на унапредување и заштита на бранителите на човековите права, и предизвиците со кои тие се соочуваат ширум светот.
На маргините на неформалниот состанок Гимних, Димитров имаше прва средба со својот грчки колега, Никос Дендиас, на која во фокусот на разговорите беше имплементацијата на Преспанскиот договор.
Министерот Димитров оствари средби и куси разговори и со министрите: на Словачка, Мирослав Лајчак, на Франција, Жан-Ив Ле Дриан, на Ирска, Симон Ковени, на Романија, Рамона Манеску, на Бугарија, Екатерина Захариева, на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, на Луксембург Жан Аселборн, на Австрија, Александер Шаленберг, на Чешка, Томаш Петричек, како и со финскиот домаќинот, Пека Хависто.
Главен акцент во разговорите од страна на министерот Димитров беше ставен на обезбедување поддршка за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија од страна на Советот на ЕУ во октомври.
Продуктивното учество на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ беше заокружено со воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Кипар.