Со полагање на цвеќиња на спомен обележјето Карпалак во центарот на Прилеп, семејствата на загинатите, делегации од Владата предводени од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, од АРМ, кабинетот на Претседателот, Собранието, Општина Прилеп, политичките партии и здруженија на граѓани, одбележаа 18 години од маскарот кај Карпалак.

На 8 август 2001 година загинаа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Вебри Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски.

Притоа, министерката за одбрана Радмила Шекеринска посочи дека овој настан остави длабоки траги во нашата меморија.

– Во име на Владата оддаваме почит за тоа што тие го направија за нашата земја. Тие беа и остануваат херои за земјата. Да ја цениме нивната пожртвуваност, затоа што тие ја платија највисоката цена кога земјата беше на крстопат меѓу војна и мир. Трагедија што нанесе болка и нѐ научи дека мирот и безбедноста немаат цена. Нашата земја се менува, но остануваат сеќавањата на овие моменти. Денес е важен мирот и стабилноста – рече Шекеринска.

Таа потенцираше дека НАТО и ЕУ нѝ требаат за поголема безбедност и стабилност.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, изјави дека хероите вечно ќе се паметат.

– Во овие заеднички мигови на тага нема збори на утеха. Карпалак е вечно сеќавање, потсетник да ја чуваме државата – рече Јованоски.

Ка.М.