Германката Фиона Колбингер стана првата победничка на Трансконтиненталната велосипедска трка, во конкуренција на повеќе од 200 мажи, поминувајќи над 4.000 километри низ Европа за десетина дена, пренесува Би-би-си.
Дваесет и четиригодишната истражувачка на карцином ги издржа тешките временски услови, со грмежи, исклучително високи температури и леден дожд. Но тоа не ја спречи да ја заврши трката за 10 дена, два часа и 48 минути. Таа изјави дека можела и повеќе да се потруди.
– Можев да спијам помалку – рече Колбингер.
Британецот Бен Дејвис засега е во најдобра позиција да го заземе второто место, но тој допрва треба да ја премине крајната цел. Тој беше на оддалеченост од 200 километри кога Колбингер утрово стигна до целта.
– Премногу сум изненадена што победив. Кога ја започнав трката мислев дека можеби би можела да стигнам до женскиот подиум, но никогаш не помислив дека можам да победам на целата трка – додаде Колбингер.
Таа беше една од 265-те учесници во трката, од кои 40 беа жени.
Трансконтиненталните трки беа покренати во 2013 година, тргнувајќи од Лондон па сѐ до Истанбул. Белгиецот Кристоф Алегерт победи на воведните два настана, пред Jош Ибет да стане првиот британски велосипедист што победи во трката на издржливост, во 2015 година.