Најмалку 20 лица се убиени, а 26 се повредени во вооружениот напад во трговскиот центар во градот Ел Пасо, во сојузната американска држава Текас, а напаѓачот е уапсен.
Нападот се случил во трговскиот центар Волмарт, во дел од градот каде претежно живее латиноамериканско население.
Оливија Зепеда, која е шеф во кабинетот на градоначалникот изјави дека осомничените за пукањето се во притвор, меѓутоа не наведе колку лица се приведени, пренесе Си-ен-ен.
Полицијата соопшти дека бил уапсен бел маж на 21-годишна возраст, а истрагата како причина наведува омраза, што во САД значи дека нападот бил мотивиран од расизам, верска или омраза кон лица со одредена сексуална оријентација.
На интернет кружи манифест, чијшто автор наводно е напаѓачот. Во текстот се осудува инвазијата од Латинска Америка во Тексас, а се споменува и нападот врз двете џамии што го изврши бел супремист во Нов Зеланд на 15 март, кога загина 51 лице.
Американскиот претседател, Доналд Трамп го осуди нападот, оценувајќи го како трагичен и кукавички чин.
Во моментот на нападот, во трговскиот центар имало околу 1.000 и 3.000 лица кои биле на шопинг.
По веста за нападот, неколку стотици активисти кои се залагаат за заострување на мерките за носење на оружје, се собраа пред Белата куќа.
Во САД, каде поседувањето на оружје е легално, редовно се случуваат вооружани напади пред училишта, трговски центри или на работните места.
Нападот во Ел Пасо е 249 напад во САД од почетокот на годината.
Ел Пасо брои околу 680.000 жители и се наоѓа на границата помеѓу САД и Мексико.