Во неделата прво фудбалерките стана европски првенки во категоријата до 19 години, а потоа ракометарите ја освоија светската титула за играчи до 21 година
Франција во ист ден, во неделата, освои две младински титули во два спорта, во две категории. Прво европска титула славеа Французинките во фудбал, за девојки до 19 години, со победата над Германија во финалето со 2-1, на Европското првенство во Шкотска. Мечот го судеше македонската интернационалка, Ивана Пројковска. Потоа, машката репрезентација на Франција стана светски првак за ракометари до 21 година, со триумфот над Хрватска со 28-23, на првенството во Шпанија.
Во фудбалското финале Германија поведе, но Франција направи целосен пресврт, ја освои петтата титула во оваа категорија и ја врати титулата по 2016 година, од кога двапати славеше Шпанија и која има вкупно три трофеи. Најуспешна е Германија со шест титули, а прваци беа и селекциите на Шведска (трипати), Англија, Данска, Италија, Холандија и на Русија (по еднаш). Овие европски првенства за фудбалерки до 19 години се играат секоја година од 1998 година, а Македонија беше домаќин во 2010 година, кога, исто така, славеше Франција, и тогаш со пресврт (2-1 против Англија).
Во финалето во ракомет, Франција ја освои втората младинска светска титула (првата ја освои во 2015 година) во меч во кој и на полувремето имаше предност од пет гола. Во оваа категорија најмногу трофеи има Русија (седум), а прваци биле и Данска, Шведска (СФРЈ (по трипати), Германија (двапати), Шпанија и Египет (по еднаш). За Хрватска ова беше прв медал во оваа категорија. Овие шампионати за ракометари до 21 година се играат од 1977 година, а Македонија беше домаќин на првенството во 2007 година. Од 6 август Македонија ќе биде домаќин и на Мундијалот за играчи до 19 години.