Филмското студио „Марвел“ најави десет нови филмови на годинешната конвенција „Комик-кон“ што се одржа вчера во Сан Диего. Директорот на компанијата, Кевин Фејџ, ја објави листата со филмови што ќе излезат до 2021 година, а се дел од ерата по „Одмаздниците“.
Едно од најголемите изненадувања е дека оскаровецот Махершал Али ќе го глуми ловецот на вампири Блејд, кој во филмот од 1998 година го глумеше Весли Снајпс.
Натали Портман соопшти дека ќе се врати во четвртото продолжение на филмот за Тор – „Thor: Love and Thunder“. Таа повторно ќе ја глуми Џејн Фостер, но овој пат со моќта од чеканот на Тор.
Најавен е и филмот „Eternals“ во кој глумат Анџелина Џоли и Селма Хаек. На публиката ѝ беше откриено дека ќе се снима и првиот филм за азиско-американскиот суперхерој Шанг-Чи. Главната улога му е доделена на канадскиот актер Симу Лиу. Шанг-Чи, кој има татко Кинез и мајка Американка, првпат се појави во стриповите на „Марвел“ пред речиси 50 години.
По повеќемесечните шпекулации, „Марвел“ конечно објави и детали за „Црната вдовица“ со Скарлет Јохасон во главната улога.