Кинескиот претседател Си Џинпинг го повика американскиот претседател Доналд Трамп да ги олесни санкциите врз Северна Кореја за време на нивниот состанок во Јапонија минатиот месец, објави денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Кина се приклучи кон строгите санкции на Обединетите нации по повторните ракетни и нуклеарни тестови на Северна Кореја, но исто така предложи да се олеснат санкциите со што Северна Кореја би се наградила за доброто однесување.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џенг Шуанг, изјави за новинарите дека Си го информирал Трамп за позицијата на Кина во врска со Северна Кореја кога тие се состанаа на маргините од самитот на Г20 во Осака.
– На состанокот со претседателот Трамп во Осака, претседателот Си го информираше за позицијата на Кина во врска со прашањето за полуостровот и побара од американската страна да покаже флексибилност и да ги олеснат санкциите во догледно време – изјави Џенг Шуанг.