Одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „Титаник“ на денешното рочиште побара изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Обвинителката на СЈО Лиле Стефанова го оцени барањето на адвокатите како нов обид за одложување на постапката. Им забележа дека бараат изземање, а не знаат кој треба да го спроведе.
Судијата Осман Шабани претходно кажа дека од Врховен суд е доставено решение дека се одбива како неосновано претходното барање на одбраната за изземање и на судечкиот совет во предметот „Титаник“.
На денешното рочиште присуствуваат сите обвинети во случајот, а обвинението го застапуваат обвинителите од СЈО Лиле Стефанова и Љубомир Лапе.
Во „Титаник“ обвиенти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.