Jасна Софија Косановиќ од Штутгард е добитник на наградата „Поетски Синтези“ за книгата поезија „Ромска душа“ во рамките на меѓународниот поетски фестивал „Поетски синтези“ кој се одржа од 7 до 9 јули во Битола. Книгата ја објави Здружението за наука и култура „Нова“ со финансиска поддршка на Министерството за култура. Препевот го направи Ленче Милошевска, а книгата ја промовираше Мирјана Стојановска.
– Книгата „Ромска душа“ претставува високо естетизиран сублимат на битот на ромскиот народ. Неговите страдања низ историјата, тагата, искреноста и чесноста, вљубеноста во музиката и танцот се испреплетуваат низ метафоричноста на песните барајќи рамноправен третман на ромскиот ентитет во семејството на народите во светот –
истакна Стојановска.
Во рамките на фестивалот вчера се одржа поетски симпозиум на тема: Творештвото на Петре М. Андреевски. Исто така, беа промовирани книгите поезија на Валерио Орлиќ, Анѓелка Корчуланиќ, Анте Грегов, Ленче Милошевска и Љубиша Симиќ, а беше изведена и драматизацијата на поемата „Бегалци од својот дом“ од Мирјана Стојановска во изведба на актерките од алтернативниот театар во Битола, Ана Жежовска и Симеона Павловска.