Според податоците на УЕФА, најголема раздвиженост до понеделникот имало кај Атлетико (по седуммина нови и заминати), Бенфика (4/7), Јувентус (5/5), ПСЖ (4/6), Реал Мадрид (4/6)…
Европскиот првак Ливерпул, потоа Салцбург и Шахтер до понеделникот не ангажирале нови фудбалери за новата сезона во Лигата на шампионите, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница за активностите во преодниот рок на тимовите што ќе играат во елитното континентално клупско натпреварување. Од друга страна, само од англискиот првак Манчестер сити до понеделникот никој не си заминал.
Според УЕФА, Ливерпул досега го напуштија петмина (Даниел Стариџ, Алберто Морено, Адам Богдан, Дени Ингс и Шеји Оџо), а во Манчестер сити пристигнале тројца (голманот Зак Стефан, левиот бек Ангелињо и плејмејкерот Родри). Мала активност досега имало и во Аталанта (по еден нов и заминат), Лајпциг (2/1), Лил (2/2), Тотенхем (2/3)… Од друга страна, најголема раздвиженост до понеделникот имало кај Атлетико (по седуммина нови и заминати), Бенфика (4/7), Јувентус (5/5), ПСЖ (4/6), Реал Мадрид (4/6) итн.
Сигурни учесници во новата сезона на Лигата на шампионите се 26 клуба – Аталанта, Атлетико Мадрид, Барселона, Баер, Баерн, Бенфика, Борусија Дортмунд, Челси, Галатасарај, Генк, Интер, Јувентус, Лајпциг, Ливерпул, Локомотив Москва, Лил, Лион, Манчестер сити, Наполи, Пари сен Жермен, Реал Мадрид, Салцбург, Шахтер, Тотенхем, Валенсија и Зенит. Преостанатите шест места ќе се пополнат со квалификациите што почнаа вчера.