Ова лето за првпат Охрид ќе добие алтернативно културно лето, со идеја за подигнување на културата во летниот период, кога градот е најпосетен.
– Гостите од земјата и странство, но и охриѓани ќе имаат можност да уживаат во квалитетна програма, но и да видат какви млади и креативни луѓе има во овој град. Целата идеја дојде од помислата да се подигне културната свест кај граѓаните и да има што повеќе интеракција со туристите кои престојуваат во јули и август во Охрид, затоа и овој проект го нарековме „Културолошка иницијатива 5 до 12“. Подготвена е разновидна и богата програма, во која се вклучуваат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират итн. Секоја недела имаме подготвено барем по еден настан, почнувајќи од недела, 7.7.2019 година, кога и се одржа свеченото отворање на манифестацијата – информираат организаторите НАТГ „Аматер“ и Супер радио.