Сопругата на поранешниот шеф на Интерпол, Менг Хонгвеј, кој беше уапсен во Кина за мито во вредност од два милиони долари, вчера соопшти дека ја тужи глобалната полициска агенција, пренесува „Ројтерс“.
Грејс Менг го пријави исчезнувањето на нејзиниот сопруг во октомври минатата година, откако тој замина на патување во Кина на 25 септември. Неколку дена по неговото исчезнување, Интерпол ја соопшти неговата оставка како претседател.
– Трибуналот ќе биде конституиран и ќе одлучи дали исчезнувањето на мојот сопруг е поврзано само со властите на двете земји и дали Интерпол ги прекрши обврските кон моето семејство – изјавила Грејс Менг.
Таа исто така, тврди дека Интерпол и се заканил со правни мерки доколку таа јавно прозбори за случајот на нејзиниот сопруг. Интерпол ги негираше обвиненијата, односно негираше дека имаат каква било поврзаност со активностите на Кина и дека обвинувањата на сопругата на Менг Хонгвеј се неосновани.
Во март, Кина соопшти дека според истрагата, Менг трошел огромни количества од државните средства, ја злоупотребувал неговата моќ и одбивал да ги следи партиските одлуки. Грејс, која живее во Франција каде што доби политички азил, изјави дека обвинувањата против нејзиниот сопруг се со политичка позадина.
Менг стана претседател на Интерпол кон крајот на 2016 година, откако Кина започна да обезбедува високи лидерски позиции во светските организации. Неговото назначување предизвика загриженост кај групите за човекови права, кои сметаат дека Кина би можела да ја искористи неговата позиција со цел да гони дисиденти во странство. Како што тврдат од Кина, Менг беше притворен за време на акцијата на Си Џинпинг против корупција.
Поранешниот шеф на Интерпол, Менг Хонгвеј, во јуни се изјасни како виновен на неговото судење за земање мито во вредност од повеќе од два милиони долари, соопштија кинеските власти. Менг, кој беше првиот шеф на Интерпол од Кина, исчезна минатиот септември враќајќи се од Франција.