Поради оперативен зафат на поротничка во судечкиот совет, судијата Осман Шабани го одложи судењето за предметот „Ликвидација“, кое требаше да почне од почеток.
Адвокатот на починатиот Борис Николовски приложи извод од матичната книга на умрените, за судот за него да ја запре постапката.
– Овој случај го уништи покојниот Борис – рече Јован Јоанидис.
Адвокатот Александар Тортевски побара прочистено обвинение од обвинителката Марија Ѓорѓева.
Следното рочиште е закажано за 3 септември.
Случајот „Ликвидација“ го отвори МВР во време на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, а го застапуваше обвинителката Лиле Стефанова. Им се судеше на судии, адвокат, обвинител и новинар и заврши со правосилна пресуда со која сите осуммина обвинети со правосилна судска одлука беа прогласени за виновни.
Обвинетите беа правосилно осудени за примање поткуп, за злоупотреба на службената положба и овластување, противзаконско посредување.
Велешкиот судија Иле Танев беше осуден на една и пол година затвор, неговиот колега, судијата, Валентин Зафиров, на две и пол години, обвинителот Ивица Ефремов на затвор од три години, пензионираниот судија Борис Николовски, на условна казна од една година затвор, колку што доби и адвокатот Сашко Лазаров за противзаконско посредување, а Јане Павловски Тица беше осуден на една и пол година затвор.
Меѓу осудените беше и новинарот Томислав Кежаровски бидејќи во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ објавил копија од записникот каде стоел исказот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.