Актуелниот шампион Новак Ѓоковиќ убедливо го стартуваше походот кон петта титула од Вимблдон, откако со 6:3/7:5/6:3 го порази Германецот Филип Колшрајбер.
Србинот мораше да се врати од ран брејк во првите два сета, но и покрај незгодниот пад на тревата на „Централниот терен“, тој стигна до убедлива победа. Следен противник на 32-годишниот Ѓоковиќ е Американецот Денис Кудла кој го победи Тунижанецот Малек Џазири.
До убедлива победа стигна и трикратниот гренд слем шампион, Стен Вавринка, кој со 26 директни победнички топки стигна до 6:3/6:2/6:2 победа над белгискиот квалификант Рубен Бемелманс по само 87 минути игра.
Вавринка го направи првиот брејк за 3:1 водство и лесно освојување на првиот сет, по што обезбеди по два брејка во следните два сета за лесна победа. Вавринка има две четврт-финалиња на Вимблдон во 2014 и 2015 година и во второто коло ќе игра против Американецот Рајли Опелка.