Најмалку седум лица починаа во Европа како последица на високите температури, додека во Франција и Шпанија пожарите уништија голема површина на земјиште.
За време на викендов, настрадаа две лица во Франција, две во Шпанија и три во Италија, пренесе „Ројтерс“.
Во францускиот регион Гард забележани се температури од 45,9 степени, а бил предизвикан и пожар пришто изгореле 550 хектари земјиште и уништени се неколку домови и автомобили.
Педесет и тригодишен маж починал при учество на велосипедска трка во регионот Арјеж, а полицијата ја истражува причината за смртта. Бидејќи и други натпреварувачи се пожалиле на мачнини, организаторите ја откажале трката.
Уште еден велосипедист почина во регионот Воклиз на југот од земјата, онесвестувајќи се поради големите жештини.
Во Франција инаку во 25 од 90 административни окрузи, усвоена е уредба за ограничување на користењето на водата, пред сѐ за земјоделството, што би можело да влијае врз жетвата.
Голем дел од пожарите кои избија во Шпанија се ставени под контрола, меѓутоа пожарникарите и понатаму се борат со огнот во Толедо и Мадрид, каде се запалени повеќе од 20 квадратни метри земја.
Германската метео-служба предупреди на екстремни горештини, а температурите во некои покраини, како Саксонија, достигнаа и 39 степени.
Неколку натпреварувачи на атлетски трки кои се одржуваат во Франкфурт, колабирале поради горештините.
Во Италија, папата Франциско за време на утринската миса рече дека се моли за оние кои се најпогодени од високите температури – болните и старите лица, градежните работници и оние кои мораат да работат надвор.