Жестока расправа меѓу пратениците од власта и од опозицијата се разви за време на вчерашното продолжение на собраниската расправа по предлогот за именување нови министри во владата на премиерот Зоран Заев.
Опозицијата забележа дека предложените министри не влеваат надеж дека ќе бидат подобри од нивните претходници и констатира дека не се менуваат министрите што, според оценките на граѓаните, покажале најслаби резултати.
– Во Владата останаа клучните министри за тендери и скандали – истакна од говорницата координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Неговиот сопартиец Илија Димовски јавно го праша премиерот дали е точно дека министерот за финансии Драган Тевдовски е сменет бидејќи не сакал да потпише заем за новиот клинички центар.
Заев ги отфрли ваквите информации како неточни и рече дека Тевдовски секогаш бил „за“ нов клинички центар и оти јавно говорел за тоа.
Димовски побара од премиерот и гаранција дека луѓето што ги предлага ќе бидат подобри од досегашните.
– Која е гаранцијата дека новите луѓе ќе бидат подобри од досегашните? Гаранцијата е кога ќе победиме на следните избори – одговори Заев.
Зијадин Села од Алијансата за Албанците му забележа на премиерот за селективната правда, на што Заев реплицира дека правдата мора да биде еднаква за сите.
Собраниската расправа не беше завршена до затворањето на весникот и требаше да продолжи во попладневните часови.
Според доставениот предлог на Заев до Собранието, Трајан Димковски ќе раководи со Министерството за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хисни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа и Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците.