Потребата од итни реформи повторно се наметнува како императив за власта, која најавува дека во следниот период ќе го засили реформското темпо за до октомври да покаже видливи резултати и да ги остави без аргументи евентуалните противници на македонските евроинтеграции.
Ваквите најави следуваат по студениот туш од Брисел, каде што земјата повторно не доби датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, а нова одлука ќе се чека во октомври.
Но кои се реформите што државата треба да ги спроведе сега за краток период, а кои се важни пред сè за да го подобрат животот на граѓаните, а потоа и за евроинтеграциите.
Според програмата на Владата, на прво место е реформата на правосудството, кое во секој извештај на Европската комисија е споменато во негативен контекст, потоа реформата на безбедносните и разузнавачките служби, реформи на Собранието, почитување на законските процедури при именувања и назначувања на функционери, како и реформа на јавната администрација.
Покрај тоа, предвидена е бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, средување на состојбите во медиумите и државната МРТВ, како и воспоставување континуиран дијалог со граѓанското општество.
Во сите наведени области малку е направено, а политичките расправања меѓу власта и опозицијата за тоа кој ги кочи реформите се водат постојано.
– Ние во меѓувреме продолжуваме со работа и реформи. Нашиот резултат е одржлив и незапирлив. Продолжуваме со интензивните подготовки за формален почеток на преговорите до крајот на оваа година – напиша на Твитер премиерот Заев, коментирајќи го заклучокот на Европскиот совет.
За потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, Владата е неспособна да испорача реформи и поради тоа ЕУ одолжува со доделувањето датум.
Додека партиите меѓусебно се обвинуваат, се поставува прашањето колку е реално да се спроведат некакви реформи во следните три месеца, ако се земе предвид дека претстои владина реконструкција, како и период на годишни одмори, или, пак, со ваквите најави делумно се сака да се амортизираат критиките.
Според аналитичарите, за толку краток период и во време кога претстојат годишни одмори, какви било реформи се тешко остварливи.
– До октомври, решавањето на проблемите за реформата на судството и справувањето со корупцијата не може ни да се започне. Јули и август се одмори. Нема потреба да создаваме некаква лажна перцепција кај граѓаните… Ние сме далеку од Европа – смета аналитичарот Тодор Пендаров.
Слично размислува и граѓанскиот активист Арменд Нухиу, според кого во изминативе две години власта можела да направи многу работи во врска со реформите, но не го сторила тоа.
– Одговорна власт овој период би го искористила во збивање на редовите во смисла на функционирање на институциите, односно во посилно функционирање на Јавното обвинителство и судот. Овие две институции се рак рана на нашата, но и на секоја друга држава – вели Нухиу.
Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, не се исклучува можноста во октомври земјава да добие и други услови ако сака да добие датум и да ги започне преговорите со ЕУ.
– Во октомври на состанокот европските министри може да констатираат дека се исполнети условите на Советот што биле од минатата година, но дека тоа не е доволно и да дадат некои други краткорочни услови што би требало да се исполнат до декември, до евентуалното започнување на преговорите. Според одредени информации, Франција на сегашниот состанок инсистирала на носење закон за јавно обвинителство, но можеби некои може да забележат дека досега нема никаква пресуда за висока корупција – вели Кржаловски.
Како и да е, периодот што следува ќе покаже што и колку посериозно ќе се промени во реформската агенда на државата, а во интерес на јавноста и граѓаните.