Американски воен дрон е срушен од страна на иранска ракета во меѓународниот воздушен простор над Ормутскиот Теснец, потврдија официјални лица од САД, а пренесе Би-би-си.
Официјално лице за „Ројтерс“ за медиумите изјави дека станува збор за дрон на морнарицата од моделот „Ем Кју-4 Це Тритон“.
Претходно, иранската Исламска револуционерна гарда рече дека срушила американски дрон над иранскиот воздушен простор, во близина на Кумобарак во јужната провинција Хормозган.
Падот на дронот доаѓа во време на зголемени тензии меѓу САД и Иран. На почетокот од неделата, американското Министерство за одбрана најави испраќање на нови 1.000 трупи во регионот, како одговор на „непријателското однесување“ на иранските сили.
САД ги обвини Иран за нападите на нафтените танкери во Оманскиот Залив, кој се наоѓа веднаш до Ормутскиот Теснец, а иранските власти одговорија дека сите тврдења на американците се лажни.
Тензиите дополнително се зголемија во понеделникот, кога Иран рече дека нивните резерви на збогатен ураниум следната недела ќе го надминат дозволениот лимит договорен со светските сили во нуклеарниот договор во 2015 година.
Иран ја зголеми својата продукција како одговор на засилувањето на сакнциите од САД, кои еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор минатата година.