Ѓорѓи Илиевски
Сакам лично да ја запознаам македонската јавност (деновиве беа запознаени преку печатени и електронски медиуми и портали) за скандалот со унапредувањата во наставно-научните звања на високи јавни владини функционери, работни места што им биле во мирување додека вршеле јавни односно државни функции, како што се актуелниот министер за образование и наука м-р Арбер Адеми од асистент во наставно-научното звање доцент, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од доцент во вонреден професор и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули унапреден од асистент во доцент и вонреден професор. Имено, првиот министер за образование и наука е унапреден од асистент м-р во наставно-научното звање доцент во период кога му мирува работниот однос на Универзитетот во Тетово како магистер асистент од 4.4.2016 година, па сѐ додека ја врши функцијата министер без ресор на Владата на Р Македонија. Тоа мирување е во согласност со членот 151 од Законот за работни односи (за читателите да знаат поконкретно). Тој член е, цитирам: „На работникот што е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со законот, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот, му мирува работниот однос за време на вршењето на функцијата и има право во рок од 15 дена да се врати на работа кај работодавецот на вршење работа што одговара на неговиот степен на стручна подготовка“.
Наместо мирување и почитување на законот, универзитетот распишува конкурс за избор во сите наставно-научни звања на 24.9.2016 година (тој нема право да конкурира, без разлика што докторирал во период на мирување, кој сите права и обврски ги има кај друг работодавец, односно може да аплицира-конкурира по завршувањето на мирувањето) се спроведува процедура за избор и го избираат во наставно-научното звање доцент на Правниот факултет при Универзитетот во Тетово, што е спротивно на членот 135 став 3 од Законот за високо образование, кој вели: „Времето за распишување конкурс се продолжува за времето што е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од шест месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон“. Истиот тој склучува договор бр. 04/153/1 од 15.9.2016 година, за интелектуални услуги за зимски и летен семестар во академската 2016/2017 година, каде што стои дека за изведување настава-испити, вежби, како и други интелектуални услуги што ќе бидат надоместени од сопствени средства на универзитетот (поконкретно да знаат читателите сопствените средства се пари на студентите). Ова е спротивно на членот 133 став 15 од Законот за високо образование, каде што меѓу другото се вели: „Лице избрано во наставно-научно звање или соработничко звање на кое му мирува работниот однос поради вршење функција на избрано или именувано лице, може да изведува настава и да спроведува испити во деновите петок, сабота и недела… и не може да прима надоместок од високообразовната установа…“.
Ова е службена злоупотреба и паричните средства треба да му се вратат на универзитетот, бидејќи се пари на студентите. Иста е состојбата и со унапредувањето од доцент во наставно-научното звање вонреден професор на Агим Нухиу, заменик-министерот за внатрешни работи. Исто така во периодот кога му мирува работниот однос, од 4.4.2016 година, Универзитетот Тетово распишува конкурс на 1.7.2017 година, за избор во сите наставно-научни звања (предвремен избор со две иницијативи, и тоа приватниот универзитет Месдетар од Тирана и приватниот универзитет од Струга на Рамиз Мерко), на 1.11.2017 година се избира во наставно-научното звање вонреден професор. Што е незаконски избор во наставно-научно звање вонреден професор. Исто така, Агим Нухиу, заменик-министерот за внатрешни работи, склучил договор бр. 04-210/1 од 15.9.2017 г. и договор бр. 04-210/2 од 1.2.2018 г. за интелектуални услуги со Универзитетот Тетово за зимскиот и летниот семестар, како што стои, за изведување настава-испити, вежби, а универзитетот ќе им давал надоместок од сопствени средства, спротивно на членот 133 став 15 од Законот за високо образование. Ваквото скандалозно унапредување во наставно-научното звање вонреден професор и оној на министерот за образование и наука во доцент, за нив не било скандал и не чувствуваат одговорност.
Тие ја бараат вината на универзитетот, што распишал конкурси (во народот ова се вика „приказна за мали деца“ – им се извинувам на децата бидејќи тие многу разумно размислуваат, овие јавниве државни функционери не сакале да се унапредуваат во повисоки наставно-научни звања, ама овие од универзитетот ги принудиле со сила, ова треба да го испита нивниот лидер Али Ахмети). За третиот функционер помлад асистент м-р Сафет Емрули, кој има договор за мирување од универзитетот, како директор на Државниот завод за индустриска сопственост од 2008 година, па до ден-денес 2019 година, тој се унапредувал од помлад асистент во асистент во 2010 година, во 2013 во наставно-научното звање доцент и во 2018 во вонреден професор. Како и претходниве министри, и директорот Емрули склучил договори за интелектуални услуги со надоместок од сопствени финансиски средства на универзитетот за 2014/2015 година.
Во ова пригода сакам да напоменам дека на извршениот редовен инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово-Правниот факултет имаше уште еден државен функционер, односно заменик-министер за одбрана д-р Беким Максути, чиј работен однос беше во мирување и беше во согласност со законот.
Чудно зошто овој функционер не сакал да се унапреди во повисоко наставно-научно звање. Зошто никој не му помогнал? Требало да се консултира во Државниот просветен инспекторат, „сигурно ќе му помогнеле“?Сакам да истакнам еден друг пример на директор на една државна институција, каде што неговиот работен однос со решение му мирува со наставно-научно звање доцент уште од 2007/2008 година до ден-денес, и тоа на УКИМ-Факултет за ветеринарна медицина – Скопје. По завршувањето на неговиот мандат, односно функција, се враќа на факултетот и по донесувањето на новиот закон за високо образование, во согласност со членот 176 став 3, по негово барање, факултетот му овозможува и распишува конкурс за повисоко наставно-научно звање вонреден професор. Овој пример треба да го следат и други универзитети и неговите единици.
За ваквите констатирани незаконитости и законитости од моја страна, почитувани читатели, поаѓав во согласност со Законот за високо образование, Законот за инспекциски надзор и Законот за просветна инспекција, каде што се сочинети и доставени записници и решенија до Универзитетот во Тетово за почитување на законитоста, а наедно целокупна документација е доставена и до Државната комисија за корупција. Наедно се запознаени и други домашни и странски институции.
На моите констатации и утврдени незаконитости, од само ним познати причини се оградија директорот на Државниот просветен инспекторат Томе Спироски и раководителот на секторот Африм Саљиу („адвокат“ на горенаведените) дека „тоа е мој личен став“. За да се пролонгира и забошоти ваквиот скандал, на сцена стапува „спасителот“ Томе Спироски, долгогодишен инспектор во основните и средните училишта и, како што се наведува во порталите и дадената изјава за ТВ Алсат М, директорот на Државниот просветен инспекторат Томе Спироски лично го спровел инспекцискиот надзор (6.6.2019) на Универзитетот во Тетово и во својот извештај истакнува: „Просветниот инспекторат не увидел недоследности во образовно-научното унапредување на државните функционери Арбен Адеми и Агим Нухиу“.
Од извештајот што го дал Томе Спироски, тој наведува за Арбер Адеми дека: „Тука не се работи за мирување и продолжување на рокот, по докторската дисертација ги исполнува условите за доцент, што е нормално напредување во високообразовни унапредувања во високото образование, унапредување што се врши според предвидените рокови, туку според докторската дисертација и исполнувањето на условите за стекнување доцент“. За оваа негова констатација само да му помогнам на директорот Томе Спироски, лицето може да се унапреди од м-р асистент по докторирањето во наставно-научното звање доцент само во случаите кога е во работен однос во високообразовната установа, односно работниот однос не му мирува. Во конкретниот случај колега Томе Спироски унапредувањето на министерот за образование и наука Арбер Адеми во наставно-научното звање доцент е незаконско во согласност со членот 135 став 3 од Законот за високо образование и членот 151 од Законот за работни односи.
Вака констатираната состојба на директорот Томе Спироски од неговиот вонреден инспекциски надзор за Арбер Адеми е елементарно непознавање на законитоста и оние што биле на надзор. Имено, со самото решение бр. 02-1262/1 издадено од Универзитетот Тетово, заведено на 13.4.2016 година, стои дека на асистент м-р Арбер Адеми му мирува работниот однос, и тоа сметано од 4.4.2016 година, сѐ додека ја врши функцијата министер без ресор на Владата на Р Македонија и под ставот 2 од истото решение за мирување стои дека м-р Арбр Адеми по престанокот на вршењето на функцијата министер без ресор или друга јавна функција на која е именуван има право во рокот утврден со закон да се врати на работа кај работодавецот за вршење работи што одговараат на неговиот степен на стручна подготовка. Тоа значи (ова го знаат и студентите од втора година на правните факултети, а не лица што завршиле правни факултети) во согласност со членот 151 од ЗРО, именуваниот има право во рок од 15 дена по престанувањето на функцијата министер без ресор да се врати на работа во Универзитетот во Тетово, односно сите права и обврски му мируваат на универзитетот до престанувањето на функцијата министер без ресор. Во согласност со членот 135 став 3 од Законот за високо образование. По враќањето на универзитетот, универзитетот може да распише конкурс за повисоко наставно-научно звање доцент. Значи, по враќањето на универзитетот, токму тука е суштината, бидејќи вработувањето асистент, доцент, вонреден професор е со определен рок, од три години за асистент, пет години за доцент, вонреден професор во согласност со членот 134 од Законот за високо образование. Значи, неговото унапредување во наставно-научното звање доцент е незаконско, колега Спироски.
Во врска со заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од вонредниот инспекциски надзор, колегата Томе Спироски констатирал (по читање и изјава за Алсат М) по членот 133 алинеја 1 од Законот за високо образование дека: „Работниот однос на Универзитетот Тетово му бил во мирување, но не и образовно-научниот ангажман, за што има посебен договор за интелектуални услуги, за што, според документите, тој не добивал паричен надоместок и сето тоа е направено според закон“, вели директорот Томе Спироски.
Да биде појасен за читателите и за македонската јавност, во членот 133 став 1 (алинеја 1 нема, туку став 1) што го цитира колегата (директор) Томе Спироски стои: „Лицата избрани во наставно-научни, научно и наставно звање засноваат работен однос и остваруваат права и обврски од работен однос во согласност со овој и друг закон и колективен договор склучен меѓу мнозински синдикат организиран во високообразовни установи во Р Македонија и Владата на Р Македонија“. Ова само да се запознае директорот Томе Спироски (требало да му помогне раководителот на секторот Африм Саљиу како „адвокат“ заштитник) дека овој член и став од законот се однесува за двоен работен однос, односно лице избрано во наставно, наставно-научно звање што е во работен однос во јавна високообразовна установа, може да врши и здравствена дејност во јавна здравствена установа (тоа се однесува за медицински, стоматолошки наставно-научни звања што работат во високообразовната установа и вршат дејност во јавна здравствена установа).
Со ова сакам да ги запознаам читателите, и нека донесат свој заклучок. Од горенаведеното од нивниот вонреден инспекциски надзор, чии интереси застапуваат колегите, директорот (колега) на Државниот просветен инспекторат и раководителот на секторот? Кого сакаат да заштитат, кога не можат да заштитат, иако се свесни дека скандалот со ова се продлабочува? Само да ги потсетам, нека ги прочитаат добро Законот за високо образование, Законот за инспекциски надзор и основните начела на инспекцискиот надзор, поконкретно членот 8, каде што се додава: „Инспекторот е самостоен при вршење на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствата што треба да се преземаат при вршење надзор, како и мерки што ќе бидат изречени по извршениот надзор“. Исто така треба да знаат дека во согласност со членот 31 став 2 од Законот за просветна инспекција се истакнува: „Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и други акти, донесува решение со кое се наредува извршување определени мерки во одреден рок, кои ги определува инспекторот, а кој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесувањето на решението“. Секако, следува и правна поука и слично.
На ваквото мое работење во согласност со моите надлежности наидов на реакции и заканувања од директорот Томе Спироски и Африм Саљиу дека не смеат да излезат записниците и решенијата и дека ќе имам последици. Ваквиот нивен чин го продолжи и министерот за образование и наука, но со татковска замолница да се прикријат незаконските дејства и да не излезат во јавност, бидејќи ќе биде скандал во јавноста. Слично на него, се јави и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу со замолница (пријателе) да не излезе случајот во јавноста, треба да знам дека имам семејство, деца и слично.
За ваквите скандали де оставена целокупна документација во Државната комисија за корупција, запознаен е кабинетот на премиерот Зоран Заев, Очекувам да се јави „вториот премиер“ Али Ахмети, да имаме средба и да му ја дадам целокупната документација. Случајот не може да се скрие, запознаени се и некои амбасади во нашава држава и очекувам и некои лични средби. Ова е еден мал дел од проблемот колку и како не функционира правната држава (функционерите министри, директори, некои пратеници се над законот), непочитување на законитоста. Во нормални правни држави за ваквите скандали паѓаат влади, се поднесуваат оставки. Наместо да добијам поддршка за констатираните незаконитостите, добивам заканувања, заплашувања, да го прикријам целиот овој скандал. Дури се вклучува и реагира вицепремиерот Бујар Османи, ангажиран за евроинтеграции. Вака, вицепремиере, не се оди во европска интеграција, туку назад во минатото, во балканските трње. Оптимист сум дека ќе победи правдината. Сѐ во интерес на мојата држава, што побрзо да се интегрираме во европското семејство.
Авторот е виш просветен инспектор