Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска, заедно со премиерот Зоран Заев, учествуваат на инвестициски форум во организација на „Фајненшал Тајмс“ и Европската банка за обнова и развој, кој се одржува во Лондон.
Вицепремиерот на интерактивна сесија презентирал дека потенцијалот за соработка помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство е голем, а компаниите од двете земји имаат многу можности да ја зголемат меѓусебната соработка.
-Доколку сакате да бидете инвеститор во Северна Македонија, имате модел кој споредбено со регионот, нуди најмногу поддршка. Ако сакате да најдете производи и да соработувате со компании од Северна Македонија, може да најдете многу квалитетни компании и често ова знам да го кажам, компании со европски квалитет, а ниски цени. Сметам дека ова е важно да се напомене. Токму поради тоа сметам дека минатата година го зголемивме нашиот извоз за 15% годишно- истакнал вицепремиерот, сопштија од Владата.
Анѓушев се осврнал и на реформите во енергетскиот сектор, како и можностите кои се отвораат со донесување на новиот Закон за енергетика, усогласен со европските регулативи и директиви.
-Минатата година, во мај, усвоивме нов Закон за енергетика со кој ги отворивме вратите за обновливи извори на енергија, отворивме простор за фотоволтаици до 300 МW што за нашата мала држава и систем е навистина голема бројка. Исто така, зборуваме за ветерници, електрани на био-гаси био-маса и затоа сите инвеститори се добредојдени да ги истражат овие можности. Што се однесува до фотоволтаиците, нудиме модели со Премија, за ветерници и био-гас нудиме фидин тарифи. Тоа значи дека нудиме голема поддршка и сакаме да постигнеме највисоки нивоа на инсталиран енергетски капацитет во обновливи извори. Се надевам дека, бидејќи во моментов немаме повеќе од 150 MW инсталиран капацитет, ќе успееме да ја зголемиме оваа цифра за трипати во следниве пет години. Затоа, сметам дека ова е вистинско време да се дојде во Северна Македонија, да се истражат можностите за бизнис, без разлика во која насока, дали како инвеститор или како купувач на производи, но и да се разгледаат можностите за инвестирање во енергетскиот сектор- образложил вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.