„Нова Македонија“ во 1953 година објави дотогаш необјавено писмо на македонскиот револуционер

По повод 50-годишнината од смртта на Гоце Делчев, „Нова Македонија“ објави три дотогаш необјавени писма што македонскиот револуционер ги испратил во 1902 година до пограничниот началник на Организацијата во Л’џане, Иван Белешков, кој се занимавал со набавување пушки, криење четници, префрлање по каналот за Пиринска и Егејска Македонија оружје, чети, литератури и други потреби. Најинтересно од нив е третото писмо. Тоа зборува за тешката положба на над 2.000 македонски бегалци префрлени во Бугарија по т.н. Горноџумајско востание што го провоцираа врховистичките елементи, со Ценчев на чело, на крајот на септември 1902 година, и за препорачуваните мерки да се ублажи таа донекаде. Во писмото, меѓу другото, се вели:

Иване,
Твоите две писма, едното преку Тушета, а другото по момчето од Серската чета, ги добив. Од нив се гледа дека ти си праќал и други, но тие од долго време, освен горните две други, не сме ги примиле. Како пропаднале така? Од сега натаму адресирај ги писмата на адресата што ќе ти ја покаже Прличев.

Денеска ти праќаме пари, а ти штом ги примиш јави ни и во исто време прати ни една сметка за сумите што си ги поарчил откако ни ја поднесе (последната б.м.) сметка…
… Ми се жалиш дека немало кој да се грижи за тамошните бегалци. Ако друг не ја земе иницијативата, земи ја ти. Формирај од неколку тамошни жители комитет за помагање на бегалците и нека тој комитет се обрне кон славјанското благотворително друштво да отпушти помош. Со молчење и неработење од никаде ништо не излегува. Овдешниве благотворителни друштва ниту знаат дека таму има бегалци, ниту пак ние знаеме. Побрзајте двајца-тројца тамошни да им телеграфирате и на весниците и на друштвата за положбата на бегалците.

Немој да дозволуваш од внатрешните комитетски пари да трошат Јакоруѓаните. Тоа може да стане во крајна нужда, и тоа кога од друго место не може да им се бара помош. Според мене, дури и при крајна нужда не треба да им се дозволи, зашто тоа ќе создаде лош преседан; а треба да им се помага од страна.

Момчињата уште малку нека поседат таму. Наближи времето да излезат.
Да ми одговориш брзо на следново: 1) може ли слободно да помине чета од кај нас за Разлог и Непрокопско сега кога го има овој снег; 2) ќе може ли да помине без да ја забележат административните и воено-пограничните власти; 3) ќе може ли ако ги испратам одовде со кола сите нужни работи за четата да стасаат кај тебе или каде најдеш ти за добро за да се наоружа четата успешно; 4) имаш ли земање – давање со пограничната стража и ќе може ли да се избегне од нивното око нарочно, како што наоѓам за добро да замине кон Разлог (четата б.м.)? Ако сето ова е можно одговори ми по каков начин можеме да ѝ ги испратиме принадлежностите на четата и каде претполагаш да ги истоварат.

Софија 28.9.1902
Поздрав
Гоце