Со уставна промена, за да се обезбеди ерга омнес, Скопје нема да се вика Република Македонија, ќе се вика поинаку, вели лидерот на грчката опозициска партија Нва демократија, Киријакос Мицотакис, во однос на тоа како би можело да се гарантира дека новото име би било и за внатрешна и за надворешна употреба.
– Со уставна промена може да се обезбеди ерга омнес, со официјална промена на името на Скопје и за внатрешна и за надворешна употреба. Скопје нема да се вика Република Македонија, ќе се вика поинаку, според она за што ќе постои договор. Тоа ќе биде име што ќе се однесува и за внатрешноста и за надворешноста- вели Кирјакос Мицотакис во интервјуто за три солунски радија.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, претседателот на Нова демократија, уште еднаш го повтори неговиот став дека грчката влада, разговорите за името ги отворила на погрешен начин, бидејќи требало да се отворат со една национална линија.
– Ние уште од прв момент ја наметнавме правилната национална линија во земјата, таа е дека не можеме да одиме напред кон било каков разговор за прашањето за името на Скопје, ако прво нема справување со иредентизмот и уставна промена. Овие се неопходни предуслови за да се продолжи кон дополнителен разговор. Она што секогаш го нарекувавме ерга омнес, една употреба на името и за внатрешноста и за надворешноста за што предуслов е храбра уставна промена од страна на Скопје. Не само за да имаме правни гаранции, туку на овој начин би било комплетно јасно дека постои силно мнозинство и во соседната земја, која признава дека оваа позиција е правилна- рече Мицотакис во интервјуто за радијата Фокус ФМ, ФМ100 и Радио Солун.
Претседателот на најголемата грчка партија, не испушти уште еднаш да го спомене она што го кажува речиси во сите интервјуа, дека нема да прифати „да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните“.