Поголема одговорност, продолжување на реформите, заокружување на евроатлантските интеграции, исполнување на ветувањето дека годинава ќе биде успешна на економски план, вети Владата во пресекот на двегодишното владеење.
На неколкучасовниот форум што по тој повод го организира Владата, беа изнесени оцени и предлози на што таа треба да се фокусира во наредниот период: подобрување на условите за бизнис, да не дозволи да има случаи во кои ќе биде жртвувана правдата, да покаже нулта толеранција против корупцијата, да ја врати довербата на граѓаните во институциите, да ги спроведе реформските закони што ги покриваат проблемите на ранливите групи во општеството, како и да го реформира образованието и да одвои повеќе финансии за културата.
– Голема е разликата каде беше земјава пред две години, а каде е сега. Време е на светот да му покажеме еден поинаков Балкан, кој на соседите гледа како на пријатели и е концентриран на просперитетот на граѓаните, назначувајќи дека се затворени сите прашања за кои никој не сакал да преземе одговорност цели три децении – истакна премиерот Зоран Заев, во обраќање на форумот по повод две години од неговата влада.
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, кажа дека по две години по формирањето на Владата, и нејзините членови и државата во целина успеале да ја одиграат улогата на некој што ќе направи пресврт и дека направиле правилна и вистинска процена.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи најави дека 2019 г. ќе биде историска година, која генерации ја чекаат 20 години, затоа што годинава во јуни или во јули ќе се донесе одлука за почеток на преговорите со ЕУ.
– Целта на спроведените реформи е да се врати довербата на граѓаните институциите – посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Според оцената на вицепремиерот Кочо Анѓушев, владините економски политики и мерки го придвижиле економскиот раст, економијата од виртуелна е трансферирана во реална, при што носител е индустрискиот раст. Предизвик за економијата во следниот период е образованието и мора да се промени девастираниот образовен систем бидејќи може да стане ограничувачки фактор за економијата. Има простор за подобрување во реализацијата на капиталните инвестиции и поефикасно работење во делот на проектите што се надвор од буџетот. Е.Р.