Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи денеска симболично тргна на пат кон ЕУ со двокатен автобус. Овојпат возењето беше од скопско Кале до ЕУ Инфо центарот на Плошатдот Македонија, а вицепремиерот објасни дека е само симболика на влегувањето на Македонија во втора фаза за членство во ЕУ, фаза на започнување преговори.
– Од тоа што го слушам и тоа што го знаеме е дека фиксен е ставот дека оваа година почнуваме преговори и затоа денеска симболично јас веќе го прогласив како влегување во втора фаза за членството во ЕУ односно започнување на преговори. Дилемата е кога ќе се донесе одлуката за почнување на преговори, дали во јуни, дали во јули. Има технички проблеми во смисла на тоа дека Бундестагот има само еден ден за разгледување на извештајот и донесување на одлука до суштински од типот дали ќе се разгледуваме во пакет или поединечно со други земји во регионот. Уште еднаш сакам да го пренесам ставот – граѓаните да се чувствуваат горди за позицијата која што ја имаме сега и внатре и пред земјите челни и пред европската комисија. Апсолутно да не се воздржуваат од оптимизам и од надеж дека оваа година почнуваме преговори – рече вицепремиерот Османи.
На автобусот, изнајмен од ЈСП, беше испишано „Заедно кон ѕвездите“, мото на кампањата што ја почува вицепремиерот за новото поглавје на патот на Македонија кон ЕУ. Во автобусот вицепремиерот се возеше со студентите победници на конкурсот „Со европско знаење до европската престолнина“. Тие следната недела ќе одат во студентска посета на Брисел и ќе ги посетат европските институции.
Вицепремиерот Османи се повози до Плоштадот, а откако беа наградени студентите, си замина пеш преку Камен мост до Секретаријатот. Брендираниот автобус се врати на Кале без него.