Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ оцени дека извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија воглавно гледано е позитивен, но сепак, има неколку работи кои се нејасни. Брнабиќ посебно ја критикуваше ЕУ дека применува двојни критериуми кога станува збор за Косово.
– Загрижена сум од недостатокот од конкретна реакција на ЕУ за сето она што се случува. Пред сѐ, денеска е 2.226 ден од потпишувањето на Бриселскиот договор и обврската за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО). Брисел е гарант на Договорот и ЕУ гарантираше негова примена – нагласи Брнабиќ, а пренесе „В92“.
Таа изрази загриженост и за недостаток од реакција на инцидентите, меѓу кои и вчерашниот и нагласи дека Приштина ги крши ЦЕФТА Спогодбата и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
Брнабиќ е децидна дека ова не е ЕУ во која таа верува.
– Ако ЕУ се залага за владеењето на правото и ако толку инсистира на тоа, нека инсистира на владеењето на правото и кога се тие во прашање. Нека гарантира примена на Бриселскиот договор и ЗСО – подвлече Брнабиќ и истакна дека Србија продолжува по својот европски пат.