Судот на Ирак синоќа ги осуди на смрт француските државјани Кевин Гоно, Леонард Лопез и Салим Машу. Триото е обвинето за приклучување на терористичката организација Исламска држава (ИД) и има рок од 30 дена да поднесе барање за поништување на пресудата, пренесува Дојче веле.
Ирачкиот судски систем е безмилосен при пресудите за тероризам откако ИД беше поразена. Тоа резултираше со приведување на илјадници џихадисти и на нивните семејства, кои се обвинети за помагање на терористичката организација во текот на нејзиното тригодишно владеење на безмалку една третина од територијата на Ирак. Судењата на припадниците и симпатизерите на ИД честопати траат по десет минути и резултираат со смртна казна.
Од друга страна, противниците на ваквата практика сметаат дека во процесите против тероризмот, кои се водат во специјални судници, подеднакво страдаат невини лица и роднините на џихадистите, со што судењата повеќе се насочени кон одмазда, отколку кон постигнување на правда. Од канцеларијата на Обединетите нации за човекови права порачаа дека недостатоците во ирачкиот судски систем веројатно ќе доведат до „непоправливи загуби“.
Набил Боуди, адвокатот на Леонард Лопез, го искритикувал правниот процес.
– Француската влада нѝ гарантираше дека на француските државјани ќе им биде овозможено фер судење, дури и во Ирак. Но Лопез беше осуден на смрт единствено врз основа на низа испрашувања во затворите на Багдад – изјавил тој.
Невладината истражувачка организација „Хјуман рајтс воч“ и во минатото упатуваше бројни критики за начинот на кој се постапува со осомничените во врска со ИД. Организацијата дури и ги обвинува властите за извлекување на признанија преку измачување.
Дел од странските држави побараа екстрадиција на нивните државјани кои се во притвор во Ирак, како што е случајот со Саудиска Арабија. А во ретки случаи, притворените се вратија во своите држави. Меѓу нив се и четири Русинки и 27 деца кои беа пуштени да се вратат дома во февруари минатата година, откако беше утврдено дека стигнале на територијата на ИД, преку измама. С.Ку.