За „Нова Македонија“ од Тел Авив, Марија Таушанска
Лавина од комплименти, убави зборови и поддршка предизвика синоќешниот настап на Тамара Тодевска на второто полуфинале на „Евросонг 2019“ во Тел Авив, Израел.
Песната „Proud“, осма по ред ќе ја слушнеме и на утрешната финална вечер во „Експо центарот“ во Тел Авив, заедно со уште 25 земји-учеснички на годинашниот избор.
Малубројната македонска група новинари, за време на настапот на Тамара, го развиори македонското знаме во прес-центарот, каде припадниците на седмата сила го следеа изборот. И таму, како и во салата одекна бурен аплауз. Гордста беше уште поголема по соопштувањето на резултатите, честитки до нас, пристигнуваа од сите страни. Се разбира, весели и бучни бевме и за време на прес-конференцијата на десеттемина финалисти.
– Ви посакувам сите да се чувствувате гордо и да не ја криете својата големина. Јас сум многу горда што по седум години мојата земја ја вратив во големото евровизиско финале. Најгорда сум на мојот тим, но и на сите Македонци, на сите што ме поддржаа и што ме бодреа сите овие месеци. Преку песната „Proud“ испративме силна порака и среќна сум што допре до многумина – рече Тамара.
Сега е полесно, бидејќи утревечер сите релаксирано ќе го проследиме евровизиското финале, што не беше случај во изминатите седум години.
А успехот на Тамара, како што вели Коста Петров, пиар на македонската ервовизиска делегација, е резултат на тримесечна, макотрпна и посветена работа на целиот тим, за кој Тамара вели дека е најдобар на светот.
– Сè е полесно кога се работи тимски и кога знаеш што сакаш, а за да ги релизираш своите соништа ти помага сплотена екипа, која на вистински начин ги остварува твоите соништа. Јас ете се осмелив да сонувам, како што е и слоганот на годинашта „Евровизија“ – ни рече Тамара.
Коста Петров, јавно на својот фејсбук профил непиша:
-Тамара, ти благодарам за твојата дисциплина и верба! Вчера покажа дека си ѕвезда од светски калибар! Знам колку те плукаа, колку те навредуваа, ама им покажа дека нивните зборови ништо не значат ако веруваш во себе, а ти не само што веруваш во себе, туку веруваш во сите нас! И без разлика на резултатот утре, за мене, ние сме веќе победници!“.
По завршувањето на пресот сите отидоа да го прослават влезот во финалето на Тамара, а во динамичниот и секогаш активен Тел Авив места за забава има навистина многу. Вчеравечер се случуваше и Бела ноќ на повеќе локации, а раздвижено беше и на неколкуте сцени во Евровизиското село покрај брегот и во Евро клубот.