Комисијата за заштита од дискриминација смета дека барањето на потврда дека едно дете е вакцинирано со МРП вакцина, при запишување во градинка и во училиште, не претставува дискриминација врз ниту еден основ, вклучително уверување, здравствена состојба како и религија и верско уверување, во однос на децата кои се вакцинирани со МРП вакцина.
Комисијата смета дека не постои дискриминација бидејќи мерката има легитимна, објективно оправдана цел, согласно член 5 точка 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
-Мерката не е спротивна на Уставот и на одредбите на меѓународните договори. Мерката соодветствува со реалните потреби бидејќи е прогласена епидемија и е загрозен животот и здравјето на детето, животот и здравјето на другите деца кои се во контакт со детето во училиште или градинка, како и во функција на јавното здравје. Мерката е однапред прецизно дефинирана бидејќи е донесена според претходно предвидена процедура и од соодветни органи и сите родители и старатели се информирани на ефикасен начин и мерката е пропорционална на ефектите кои треба да се постигнат- се вели во општото мислење на Комисијата, кое е донесено по примени претставки од граѓани како и јавно искажани ставови во медиумите во врска со постоење на наводна дискриминација кон децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината од страна на градинките и училиштата.
Заклучокот на Комисијата е дека не постои дискриминација од страна на органите на управата и градинките со мерката за забрана на запишување и прием на деца кои не се вакцинирани и задолжителна вакцинација на децата од училишна возраст.
Во општото мислење Комисијата ја зема превид обврската на државата како земја членка на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права со којшто документ преку ченот 12 се обврзува на имунизација на своите граѓани. Исто така, Републиката се има обврзано да го почитува и членот 15 од овој Пакт којшто им овозможува на граѓаните да ја уживаат користа од научните достигнувања и развојот кои што меѓу останатото ги вклучуваат и вакцините кои придонесуваат за превенција од заразни заболувања. Комисијата ја зема предвид и обврската Републиката да го гарантира правото на живот на секој човек, гарантирано со Уставот и со членот 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и правото на живот на секое дете гарантирано со членот 6 од Конвенцијата за правото на детето.
-Комисијата го почитува правото на родителите и на старателите во немешањето во нивниот приватен и семеен живот кое, меѓу другото, подразбира и одлучување за преземање активности кои се во интерес на нивните деца. Но, ова право е ограничено и со членот 8 став 2 од ЕКЧП меѓу другото и со заштитата на здравјето. Вакво ограничување постои и во членот 9 став 2 од Конвенцијата, а кое се однесува на ограничување на слободата на мисла, совест и вера. Комисијата во општото мислење се раководеше и од едно од главните начела на Конвенцијата за правата на детето – преземање на мерки од страна на јавните власти во најдобар интерес на детето- се вели во мислењето на Комисијата.