Првиот фестивал на улична храна „Вкусот на Скопје“ ќе се одржи на 18 и 19 мај на Школка. Овој дводневен настан, организиран од „Моментум инк“, ќе ги обедини сите гурмани на едно место. Околу 20 локални сендвичарници и ресторани ќе ги постават своите штандови со специјалитети за да ни понудат еден поинаков викенд во Градскиот парк.
– Двата дена програмата започнува од 11 часот, а трае до вечерните часови. Ќе имаме можност да чуеме корисни информации за храната што секојдневно ја консумираме, ќе научиме нови совети и трикови за готвење секојдневни и не толку секојдневни солени и слатки рецепти, ќе навлеземе во естетиката на храната, а ќе следуваат и дегустации и многубројни изненадувања. Дел од програмата е „Готвење со Бранко“, кој ќе нѐ однесе на масовен пикник, па осигурете се со себе да понесете и понекое ќебенце, Пеце Клечкароски ќе нѐ запознае со вкусот на „леска“, намазот од лешници чија приказна започна неодамна, но набргу прерасна во препознатлив бренд, од „Донатбар Скопје“ ќе нѐ инспирираат и научат како да декорираме крофни, и уште многу други слатки предизвици – најавуваат од „Моментум инк“.