Со зурли и тапани, уште пред да бидат објавени првичните резултати од вториот круг на изборите, во штабот на СДСМ синоќа се славеше предноста на нивниот кандидат Стево Пендаровски, која предност потоа се претвори и во победа на изборите. Како што потврдија од Државната изборна комисија, по пребројани 98,84 отсто од гласовите, победник на изборите за претседател на државата е Стево Пендаровски, со освоени 423.292 гласа, или 51,83 отсто, наспроти Гордана Сиљановска-Давкова, со освоени 363.980 гласа, односно 44,57 отсто од гласовите. Според претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, кој му ја честиташе победата на Пендаровски, изборите поминале во фер и коректна атмосфера и немало пријави за нерегуларности.
Своето прво обраќање пред јавноста кандидатот на СДСМ го започна со зборовите: „Мој народе, благодарам, фаљимендерит“, оценувајќи дека тоа е всушност победа на мнозинството граѓани на Република Северна Македонија, независно од етничка, политичка, верска или каква било друга припадност, кои се обединиле и решиле да продолжат заедно напред.
– Посветено ќе им служам на сите и ќе бидам претседател на сите, на Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците и сите други граѓани – рече Пендаровски.
Според Пендаровски, исходот од претседателските избори значи и загарантиран пат напред кон НАТО и ЕУ, меѓу развиениот свет, каде што и припаѓаме.
Тој додаде дека уште поголем успех е и победата на обединувањето и заедништвото, што е јасна порака дека само заедно може да се оди напред и да се обезбеди иднината на Република Северна Македонија.
Пендаровски подвлече и дека ќе се залага за правична и правна држава, дека ќе обединува и нема да дели. Тој вети дека и ќе ги поддржува сите политики и чекори што значат напредок во државата, но и ќе критикува секогаш кога може да биде подобро.
– Нема да се срамите од мене, ни тука ни во странство – подвлече Пендаровски.
По Пендаровски, на граѓаните им се обрати и премиерот Зоран Заев.
– Патот е потврден и поплочен со успех. Република Северна Македонија со сигурност продолжува напред. Ова е победа на граѓаните и на Републиката. Денеска сите може да славиме, оти покажавме дека земјата е европска. Имаме беспрекорно чисти избори во двата изборни круга. Покажавме дека сме подготвени за Европа. Од денеска никој не може да застане на патот на перспективите. Од преброени 96 отсто гласови, Стево освои 423.000 гласа, а Сиљановска нешто над 360.000 гласа, тоа е разлика од 55.000 гласа. Вечерва имаме и победа во Охрид, Константин Георгиевски победи со повеќе од 3.800 гласа, победивме и во Ново Село. Браво граѓани од различни етнички определби. Заслужуваме да одиме напред, нашето место е во ЕУ и во НАТО и точка.
Нема веќе режим никогаш повеќе. Мицкоски е поразен, поразени се деструктивните и политиките на немање став. Како власт остануваме посветени на нашите приоритети. Прво, нашата земја станува членка на НАТО, продолжуваме да ги насочуваме парите кај граѓаните, ќе ги коригираме слабостите кај функционерите – порача Заев.
Тој на Пендаровски му порача да биде секогаш критичен и правичен, да ги чува граѓаните.
Инаку, трендот на победа на нивниот кандидат се најавуваше и на прес-конференциите што се одржаа синоќа во штабот на СДСМ. Во своето прво обраќање по затворањето на избирачките места, од штабот на ВМРО-ДПМНЕ посочија дека овие избори носат нова реалност во земјава и „сѐ освен победа ќе фрли сенка врз изборниот процес и ќе отвори сомнежи за евентуален изборен инженеринг“.
– Народот се дигна против власта на Заев, потврдена е новата реалност, народот бара промени. Тргна падот на Заев и неговата власт, а народот победува. Новата реалност значи Заев ја губи поддршката, а бројот по општини каде што оваа власт е детронизирана повторно ќе биде огромен. Реалноста значи дека народот бара правда, бара слобода, бара стандард, принципи и вредности – рече Игор Јанушев.
Тој нагласи дека биле забележани нерегуларности во текот на изборниот процес. Нивните индиции, додаде Јанушев, говореле дека има семејно гласање, организирано гласање, притисоци, закани и уцени, но и индиции за поткупи, злоупотреба на полицијата. Тој спомена нерегуларности во избирачки места во Прилеп, каде што вели дека имало организирано гласање, во Ново Село, кое, според него, било под полициска опсада. За нерегуларности спомена дека партијата увидела дека има и во Битола, Шуто Оризари, каде што тврди дека имало организиран превоз преку такси-компанија блиска до власта. Спомена дека вакви појави имало и на други места, во Штип,Радовиш, Куманово.
Од страна на Демократската унија за интеграција го поздравија одвивањето на изборниот процес, како во првиот така и во вториот круг, и оценија дека изборниот процес е успешно завршен и е во согласност со европските стандарди, како што изјави Изет Меџити, шеф на изборниот штаб во ДУИ.
– Ние во Демократската унија за интеграција сме исклучително задоволни од одлучувачкиот придонес на ДУИ во двата изборни круга, што го овозможија цензусот и предноста на нашиот концепт. Ќе ги чекаме официјалните резултати подоцна во текот на ноќта, но секако дека успешниот процес е извонреден резултат. Нашите првични и неофицијални процени се дека околу 90.000 наши албански гласови го поддржаа концептот на консензус, но, секако, ќе направиме детална анализа на секое избирачко место во наредните денови – изјави Меџити.
Тој додаде дека е длабоко загрижен во врска со информациите на теренот за тивок но активен и организиран бојкот од страна на експоненти на албанската опозиција, кој значително се забележува во општините со кои управуваат, како Желино, Боговиње, Врапчиште и Гостивар. Инаку, високиот функционер на ДУИ, Артан Груби, по завршувањето на гласањето во вториот круг од претседателските избори, објави статус на Фејсбук.
– Али Ахмети и ДУИ избраа претседател на парламентот. Али Ахмети и ДУИ избраа премиер. Али Ахмети и ДУИ избраа претседател. Без Али Ахмети и без ДУИ… тоа не функционира! – напиша Груби.