Фото: Игор Бансколиев

Кога неавтохтоните видови се пуштаaт слободно во природа, што неретко се случува при обидите за нивно шверцување преку границите, се прави еден вид биолошко загадување, односно се додава елемент што не е во синџирот на исхрана и со тоа постои можност да се изгубат потенцијалните живеалишта на автохтоните видови

Шверцерите на ретки животински и растителни видови сè почесто ја користат Македонија како транзитна зона, а понекогаш под притисок на полициските контроли панично се ослободуваат од товарот, кој, доколку преживее, што неретко и се случува, почнува сериозно да ги загрозува автохтоните билни и животински видови во земјава.

Со ваквите нелегални бизниси се остваруваат огромни профити, кои на годишно ниво ги надминуваат дури и профитите остварени преку трговија со луѓе, а кои изнесуваат и по неколку милијарди евра. Корупцијата и недоволните контроли на границите се посочуваат како главни виновници за ваквата состојба низ Европа, па и во земјава.

Имено, шверцерите преку корумпирани структури во царините, успеваат да го одржуваат нелегалниот пазар со животни и растенија и да остваруваат огромни профити.

Пред неколку дена полицијата разби меѓународна група и спречи шверц на 60 килограми подмладок на стаклена јагула во вредност и до 120.000 евра, што преку аеродромот во Скопје требало да биде испратен до Куала Лумпур во Малезија.

– Кога е нешто со висока цена, тоа станува предмет на колекционерите. Профитот е она што ги тера луѓето да шверцуваат разни видови животни – вели Богољуб Стериовски од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Тој додава дека со овој проблем не се соочува само Македонија, туку и Европа, па и целиот свет.

– Најинтересни на црниот пазар се загрозените видови. Колку видот е поредок, толку е поинтересен за колекционерите – нагласува Стериовски, потсетувајќи на случаите со убивањето слонови и тигри, заради слоновата коска и заради кожата од тигрите.
Дополнителен проблем е што некои од животните што се шверцуваат преку Македонија, понекогаш завршуваат тука и претставуваат сериозна закана за домашниот биодиверзитет.

– Пред четири години беа запленети 420 американски црвеноушести желки, кои не се автохтони на ова подрачје, потоа на Фејсбук имаше објава за змија од видот боа кај Стојаково, а во 2012 година во близината на пат кај битолско Новаци бил забележан мртов кралски питон. Во сите овие случаи не верувам дека некој што ги чувал животните ги пуштил, туку најверојатно станува збор за неуспешен обид за шверц – вели Стериовски.
Според него, и оние што чуваат неавтохтони животни дома, кога тие ќе пораснат ги пуштаат во природа, без претходна консултација со стручни лица.
– Ако тие неавтохтони видови се пуштат слободно во природа, се прави еден вид биолошко загадување, односно се додава елемент што не е во синџирот на исхрана и со тоа постои можност да се изгубат потенцијалните живеалишта каде што има автохтони видови – истакна Стериовски.

Тој напомна дека токму ваков случај имало во езерцата во скопскиот Градски парк, каде што се забележани американски црвеноушести желки, како и една од истиот вид во Катлановско Блато, кои се директни конкуренти во синџирот на исхрана на домашните желки.

Слични случаи пред извесно време беа забележани и во водите на Охридско Езеро, каде што беа регистрирани шест неавтохтони вида риби. Пред неколку години рибарите беа вознемирени откако во водите на Дојранско Езеро беа забележани риби сродни на пираните.

– Потребна е контролата на границите, на она што се увезува, како и на она што се продава во продавниците да биде на многу високо ниво. Тоа на некој начин ќе направи притисок и врз трговците со животни – додава Богољуб Стериовски од МЕД.
Според ваквите согледувања, се чини дека државата треба да ги засили контролите на границите, но и низ државата, за барем делумно да го отежне шверцувањето на ретките видови низ нашата земја, но од друга страна, со тоа и ќе се придонесе за спречување на мешањето на неавтохтоните видови со домашните видови флора и фауна што, пак, ќе влијае и врз зачувување на биодиверзитетот.


Истите маршрути како за дрогата и за нелегалните мигранти

Во светот нелегалното тргување со загрозени видови флора и фауна се вбројува во еден од најдоходовните облици на илегална трговија.
Според еден од извештаите на Европол, се смета дека во овој нелегален бизнис се заработуваат и до 4,4 милијарди евра. Со користење лажни документи, се шверцуваат кожи од тигар од Далечниот Исток, егзотични птици од Јужна Америка, како и желки од Северна Африка во земјите од ЕУ. Маршрутите што се користат за нелегална миграција и трговијата со дрога, исто така, се користат и за шверц на ретки животни, корали и вредни растенија. Трговијата со загрозени видови во голема мера се должи на односот низок ризик – висок профит. Папагалот ара макао, кој може да се купи за околу 10 евра во Бразил, во Европа се препородава по цена од 1.500 евра. При шверцувањето, преовладуваат употребата на фалсификувани сертификати, лажните ножни прстени, дуплирањето на броевите и потврдите за мртви примероци.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]