(Повод: Финансиската поддршка на земјоделство во 2019 година)
За ова поддршка се најавуваат од МЗШВ новини во структурата, во висината на средствата во односот помеѓу земјоделските гранки и др. Да видиме што е исто, а што ново и различно (во глобални рамки).
Висината на вкупните средства за поддршка на земјоделството е иста веќе неколку години, односно од 2011 година наваму годишно од буџетот на државата се планираат по околу 6 милијарди денари, а се движат од 6,1 до 6,3 милијарди. Во 2017 година се планирани 6,11 милијарди денари, во 2018 година 6,210 милијарди, а за 2019 година се планирани 6,138 милијарди. Меѓутоа, поранешните наши истражувања (од 2011 до 2014 год.) покажуваат дека дури 30 отсто од планираните средства не се реализираат. Поинтересни се податоците во последните години кога во планот за соодветната година се планираат енормно високи суми средства за исплати кои не се направени во претходните години.
На пример, во 2017 година се предвидени 2,728 милијарда денари, што е 44,6 отсто од предвидената вкупна сума за таа година од 6,118 милијарда денари. Во 2018 година овој износ на неисплатени средства во претходните години изнесува 3,302 милијарда денари или 53,2 отсто од вкупната сума за 2018 година од 6,211 милијарда денари. И за 2019 година со програмата се предвидени такви средства во висина од 2,830 милијарда денари, што е 46,1 процент од вкупните планирани средства од 6,13 милијарда денари. Како што се гледа во однос на вкупната сума планирани средства за 2019 година нема промена ниту во вкупниот износ, ниту во планирање на исплата на заостанати обврски.
Да видиме што е ново во глобалниот план за 2019 година, во споредба со претходните години? За директна поддршка на земјоделските стопанства вкупно се планирани 3 милијарди денари, приближно како и претходните години од 2011 год. наваму. Ново во планираните средства за овој дел (директна поддршка), што се однесува на вкупно растително производство и вкупно сточарско производство, е што и покрај декларациите на министерот за поголема поддршка на сточарството (за кое е општопознато дека и како цело и кај најважните добиточни видови има загрижувачка стагнација, а во споредба со 1991 година опаѓање на бројот на условни грла од 325 илјади грла на 265 илјади или намалување за близу 20 отсто), а во 2019 година се предвидени помалку средства во однос на 2017 година за 181 милион денари, а во 2018 година за 100 милиони денари (во двете последни години 2018-2019 се истите планери).
Ако се погледне уредбата за критериумите за директни плаќања (која содржи 20 страници ситно тешко читлив текст) ќе се види дека критериумите се понејасни, оптоварени со ситници за дополнителни плаќања и тешко на земјоделците ако решат да видат што и како се поддржува. Уредбата е проследена со план за поддршка на култури кои одамна не се произведуваат, со поддршка на многубројни неважечки производи, цвеќиња, чаеви, лековити растенија, декоративни и сл., чиј број изнесува 168 растителни видови.
Најавените нови мерки од министерот (9-10.2.2019 год. „Нова Македонија“), кои како што изјавуваа, ќе придонесат за зголемување на бројот на добитокот, а планираните средства за поддршка на сточарството се намалени за оваа година. Според изјавите на министерот, мерките се креирани и поддржани од Светска банка и од ЕУ за намалување на средствата за директна поддршка, а зголемување на средствата за руралниот развој во програмата за оваа година не е направено. Според изјавите на министерот за нафтата, морам да кажам дека е сериозна грешка, бидејќи е познато дека нафтата е сериозен загадувач, а бенефициите за земјоделците се мали, кои можеше државата да ги надомести, наместо Македонија да се покаже како земја која не ги разбира глобалните проблеми на загадување што го предизвикуваат фосилните горива.
Зголемување на поддршката (несоодветно) на мини фарми кои не можат да се класираат како земјоделски стопанства, до 0,5 и до 1,0 ха, претставува непознавање на иднината на окрупнување на земјоделските стопанства. Потребно е да се предвидат средства за поддршка на таква диверзификација на тие мини стопанства преку која ќе дојде до продажба на земјата или долгогодишно издавање под наем на покрупните. До кога ќе поддржуваме нерационално трошење на средства, оние што сами не можат да се изборат на пазарот – нив треба да им помогнеме да се преориентираат во други производства. Сакам да се задржам на проблемот со јаболката. Очигледно е дека во Македонија има хиперпродукција, бидејќи кога се даваа високи суми на средства за јаболкови насади никој не мислеше (па и денес) кој ќе ги откупува македонските јаболка. Затоа е потребно сериозно намалување на поддршката на јаболката за сметка да се зголеми поддршката на сите дефицитарни овошни видови за кои имаше добри услови, а трошиме сериозни средства за увоз. Поддршката на јаболката може да расте по организирањето на земјоделците за нивно влијание на пазарот кога државата ќе помогне за изнаоѓање пазари (што ќе биде многу тешко), како и средства за поддршка за градење на сместувачки, а особено преработувачки капацитети.
Министерот за земјоделство има погрешно стојалиште за оризот (исто како и за јаболката). Со години оризопроизводителите имаат проблем со продажбата, бидејќи за нивниот ориз нема место на пазарот. Дали оризот не е конкурентен или нема трговци? Секако е првото. Без оглед на добрите услови нашиот ориз нема конкурентска цена на надворешниот пазар, а колку години државата да ја зголемува поддршката толку ќе имаме сѐ поголеми резерви. Мора да се размислува за сериозна преориентација на други производи. Потрошувачката на вода за еден хектар оризиште е 15-20 пати повисок од интензивен овошен насад, а уште повисоко во споредба со производство на пченка, луцерка и други фуражни култури.
Државата нема ништо да ја чини ако со своите кадри, Министерството изработи предлог-студии: една за супституција на производство на ориз со овоштарници, за дефицитарни видови овошја, а втората за производство на фуражни култури, особено концентрати за производство на месо (особено говедско). Во Македонија годишно се трошат 136 милиони долари (2016 год.) за увоз на месо и преработки од месо, што изнесува 22 отсто од вкупниот увоз на храна. Ако на оризопроизводителите им се предочат и предложат и поддржат вакви производства со висока рентабилност, за која гаранција се природните услови на Кочанско и на целиот регион на трудољубивите земјоделци. Потребно е наместо да се продолжи релативно високата финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, да се изнајдат вистински мерки за поддршка на производите со кои се користат природните предности и производите за кои сме хендикепирани со природните услови, но можеме да супституираме дел од увозот на жито, месо, шеќер, масло за јадење и др.
П.С. За инвестирање во македонското земјоделство има неискористени високи суми средства од ИПАРД и од Рурален развој, меѓутоа нема идеи и иницијативи, а без инвестиции во нови технологии и современи технички средства нашето земјоделство ќе биде и натаму неконкурентно како што се јаболката, оризот и некои зеленчуци. Инвестициите не можат да дадат соодветни резултати во земја со девастирани земјоделски институти, без институтот за агроекономски истражувања и без финансирање на науката во земјоделството.
Проф. д-р. Борис Анакиев