За ставањето во функција на автоматската мониторинг станица Велес 2, лоцирана во дворот на детската градина Тунел, која е дел од официјалната државна мрежа на Министерството за животна средина, како и за можностите за отворање на регионална депонија за управување со комунален отпад во Вардарскиот регион разговараа денеска во Велес заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и велешкиот градоначалник Аце Коцевски.
Макрадули и Коцевски разговарале и за изградбата на пречистителна станица за третман на комунални отпадни води, како и постапката за издавање на A-интегрираната еколошка дозвола за инсталацијата Каменолом во населба Превалец, чиј оператор е фирмата „Технопавер“ од Скопје, а која подолго време го загадува воздухот посебно во двете велешки населби, Превалец и Тунел.
Како што потенцираат од општина Велес, на овие проекти општината посветува големо внимание и затоа бара нивна што поскора реализација се со цел да се подобри животната средина на граѓаните на Велес и околните населени места.
Од Општина Велес најавуваат интензивирање на соработката со ова Министерство, а со цел поскоро решавање на горливите еколошки проблеми на граѓаните на Велес и регионот.