Ракометната федерација на Македонија (РФМ) уште еднаш ја доби довербата од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за организација на ЕХФ-шампионат за ракометари до 18 години, кој ќе се игра во 2020 година.
Младите ракометари (генерацијата 2002/2003), на крилата на своите навивачи ќе имаат можност да ја однесат Македонија во дивизијата А и со тоа да си обезбедат пласман на ЕП.
И не само тоа, ако оваа генерација успее да го освои првото место на турнирот што ќе се игра во Скопје, тогаш Македонија ќе игра на ЕП 2022 во дивизијата А за ракометари до 20 години, а ракометарите од генерацијата 2004 и помладите, ќе играат на ЕП за кадети 2022 во дивизијата А.
Селекторот на македонската ракометна репрезентација Данило Брестовац, минатата недела ги назначи Адријана Будимир и Дарко Петровски за тренери на ракометарите од генерацијата 2002/2003, која својот прв собир и настап ќе го има следната недела со учество на турнир во Романија.
Покрај во Македонија, ЕХФ-шампионат за ракометари од генерацијата 2002/2003 ќе биде организиран и во Бургас, Бугарија и во Подгорица, Црна Гора.