И покрај очекувањата дека со потпишувањето и имплементацијата на Преспанскиот договор автоматски ќе се отворат евроатлантските перспективи за Македонија, неизвесноста во тој процес и понатаму е присутна и се чини сѐ уште го оптоварува политичкиот дискурс во земјава. Со моменталниот резултат на девет ратификувања на протоколот за членство во НАТО, од 29-те земји-членки на Алијансата, министерот за надворешни работи Никола Димитров завчера присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Вашингтон, надевајќи се дека државата ќе добие полноправно членство до крајот на оваа година. Симболично, може да се каже дека Македонија, сепак со додавката „северна“, конечно седна на долгопосакуваното 30-то столче околу масата на НАТО.
– Голема привилегија е конечно да се биде на масата. Оние однатре забораваат колку е ладно надвор – изјавил министерот Димитров, користејќи ја својата омилена метафора за напорите на Македонија да стане членка на НАТО, по самитот во Вашингтон.
Присуството на Димитров на министерскиот состанок на НАТО во Вашингтон не мина незабележано од американските медиуми, кои се заинтригирани од долгото и комплицирано патување на Македонија до 30-то столче на НАТО.
– Што има во името? Eдна промена на името во Југоисточна Европа може да ја прошири најголемата алијанса во светот. Откако Македонија беше формирана во 1991 година, Грција се противи на нејзиното име, бидејќи северниот дел на својата земја исто така го нарекува Македонија. И оттогаш, Грција го блокираше барањето на Македонија за влез во НАТО. Но сега Македонија го смени своето име во Северна Македонија, а малата измена во називот беше доволна за грчкиот парламент да стане првата земја што го ратификува пристигнувањето на Северна Македонија кон НАТО – констатираат во програма ПБС Њуз ауар, во која Димитров имал заедничко интервју со Георгиос Катругалос, грчкиот министер за надворешни работи.
И покрај главно благонаклоните гледишта кон договорот со кој е решен еден билатерален спор, кој според оцените, ја загрозувал безбедноста на регионот, американските медиуми констатираат дека Северна Македонија сѐ уште се соочува со многу предизвици, вклучувајќи ги корупцијата и непотизмот, независноста на медиумите и правата на малцинските етнички Албанци. Но Димитров рекол дека стабилноста што ќе ја постигне земјата со конечното приклучување кон НАТО веќе обезбеди просперитет.
– Ние веќе чувствуваме дека предвидливоста во суштина предизвикува економски пораст – кажал Димитров во интервјуто.
Во магазинот „Форин полиси“, присуството на Димитров на состанокот на НАТО во Вашингтон, меѓу другото, го оценуваат и како „доказ за една од ретките успешни приказни на Алијансата во напнатите односи со Русија“.
– Местото на Димитров на масата на НАТО е значаен чекор за малата југоисточна европска земја со два милиона жители. Таа, исто така, претставува една од ретките успешни приказни на Алијансата, вплеткана во напнати односи со Русија и во постојана тензија од внатрешни поделби, вклучувајќи ги и редовните промени на американскиот претседател – пишува „Форин полиси“. Понатаму во текстот се заклучува дека членството на Северна Македонија во НАТО ќе биде удар за Русија, која се обиде да ги засили влијанијата кон помалите балкански земји и да ги задржи надвор од орбитата на Запад. Тука се наведува и примерот на Црна Гора и наводното учество на Москва во неуспешниот заговор за државен удар во таа земја, во 2016 година, пред изборите, кои се сметаа за своевиден референдум за пристапувањето на земјата во НАТО.
– Заговорот беше спречен, а Црна Гора стана 29-та членка во 2017 година – заклучуваат во „Форин полиси“.
Но споредбата со Црна Гора не завршува само во поврзаноста со опасноста од руското влијание. На тоа се надоврзува и сомнежот на претседателот на САД, Доналд Трамп, во важноста на членството на мали земји како Црна Гора во Алијансата. Во ситуација кога Трамп постојано ја доведува во прашање целисходноста на НАТО и настојува да ги натера сојузниците да трошат повеќе на одбраната, некои официјални претставници на САД се нервозни и можеби ќе имаат сличен став и за Северна Македонија како и за Црна Гора.
Прашан од „Форин полиси“ за ваквите промени на ставовите во НАТО, Димитров рекол дека верува дека во Вашингтон има „многу силна поддршка за Северна Македонија да се приклучи на НАТО“ и дека Алијансата ќе ја засили својата улога со тоа што ќе ги доведе новите членки. Тој додал и дека Трамп неодамна до премиерот на неговата земја испратил писмо во кое го поздравува договорот за името со Грција како „веројатно најголемото достигнување во регионот од Дејтон“, осврнувајќи се на Дејтонскиот договор од 1995 година, со кој заврши војната во Босна.
Сепак, Трамп и понатаму не отстапува од барањето за намирување на заостанатите одбранбени трошоци во НАТО, како негов главен приоритет. Оваа година, само осум од 29-те членки на НАТО треба да ја исполнат целта за намена на 2 проценти од својот БДП за одбраната, факт што долго време беше точка на расправија помеѓу Вашингтон и неговите сојузници во НАТО. Северна Македонија троши 1,35 отсто од БДП за одбрана, но Димитров рекол дека планира да ги исполни заложбите од 2 отсто до 2024 година, цел што НАТО ја постави за сите свои членки.
На крајот, и во „Форин полиси“ констатираат дека за целосно зачленување во НАТО е потребно позитивно изгласување на протоколите во парламентите на сите актуелни земји-членки на НАТО. Потенцијалната нова земја-членка, исто така, мора да донесе серија технички реформи насочени кон зацврстување на демократските практики во нејзиниот воен, политички, економски и судски сектор.