Комичарот без ниту еден ден политичко искуство, Володимир Зеленски, освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори завчера во Украина. Зеленски доби поддршка на околу 30 отсто гласачи, а зад него на второто место е актуелниот украински претседател Петро Порошенко со околу 16 отсто, додека бившата премиерка Јулија Тимошенко обезбеди 14 отсто гласови. Централната изборна комисија на Украина соопшти дека ниту еден од кандидатите не ги обезбедил потребните гласови за победа уште во првиот круг, па затоа избирачите ќе излезат повторно на гласање и ќе избираат меѓу Зеленски и Порошенко во вториот круг од изборите на 21 април.
– Ова е само прв чекор кон голема победа. Ние сме млади луѓе. Не сакаме да го видиме во иднината сето она што е од минатото – порача Зеленски.
Порошенко, пак, рече дека второто место во првиот круг е „сурова лекција“.
На изборите силите ги одмерија 39 кандидати, а анкетите пред гласањето укажуваа дека Зеленски, актер што игра претседател во популарна комична ТВ-серија, ќе обезбеди најголема поддршка од гласачите.