Управата за заштита на културното наследство вчера ја стопирала изградбата на 32-метарското минаре на Алипашината џамија во Охрид. Од здружението на граѓани „Совест“ од Охрид велат дека денеска ќе остварат средба и со премиерот Заев, на која ќе ја презентираат целата состојба и очекуваат да се најде решение за овој проблем
Се одложува најавениот мирен протест против незаконската и без соодветна дозвола доградба на минарето и на придружните објекти на Алипашината џамија, која се наоѓа во центарот на старото градско јадро во Охрид. Оваа одлука ја потврдуваат од здружението на граѓани „Совест“ од Охрид, откако минатата недела најавија дека доколку надлежните институции не излезат со јасен став по ова прашање, ќе организираат мирен протест како израз на нивното незадоволство.
Томе Џамтоски, член на „Совест“, вели дека ваквиот развој на настаните се должи на реакцијата на институциите и нивно конечно прифаќање на одговорноста.
– Денеска ќе оствариме средба со премиерот Зоран Заев, на која ќе присуствува и в.д градоначалникот на Охрид. Ќе ја презентираме целата состојба и очекуваме да најдеме решение за овој проблем, кој ги засега охриѓани – објасни Џамтоски.
Тој се надева дека ќе даде плод она за што искрено се залагале во изминативе две и пол години, а тоа е почитување на законите и зачувување на вредностите на Охрид и нема да продолжи незаконското постапување во однос на Алипашината џамија.
Истовремено, Управата за заштита на културното наследство вчера ја стопирала изградбата на 32-метарското минаре на Алипашината џамија. Оттаму велат дека надзорот што во петокот минатата недела излегол на терен утврдил низа нерегуларности и отстапувања од конзерваторското одобрение, поради што инвеститорот е и парично казнет.
– По спроведениот надзор, донесено е решение за запирање на работите. Иако инвеститорот тврди дека има анекс на конзерваторското одобрение, тоа не е доставено до нас и, колку што знаеме, е предмет на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Дополнително, измените што се направени во внатрешноста не одговараат на издаденото одобрение. Затоа изградбата е стопирана и има парична санкција. Нашите ингеренции се дотука, а понатаму ингеренциите треба да ги преземе градежната инспекција. Се работи за објект од крајот на 15 и почетокот на 16 век и треба да се направи стручна експертиза од страна на професори, архитекти и градежници и да се утврди дали треба да се гради минаре со височина од 32 метри – соопштија од Управата.
Инаку, во врска со оспорувањата за начинот на кој се врши реконструкцијата на Алипашината џамија пред неколку дена се изјасни и премиерот Заев, кој категорично испрати порака да се почитуваат процедурите, постапките и законите во државата.
– Не може да се гради без одобрение за градба, независно дали се работи за куќа, зграда, црква или џамија – истакна премиерот.
Во иста насока беа и изјавите на в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, и на Горан Сугарески, министерот за транспорт и врски, кои посочија дека надлежните институции не треба да си ги префрлаат ингеренциите една на друга, туку треба да постапуваат во согласност со законот.