Повикувајќи се на пресумцијата на невиност, папата Франциско не ја прифати оставката на францускиот кардинал Филип Барбарин, кој е осуден на шест месеци условна казна поради прикривање сексуално злоставување извршено од друг свештеник.
На 7 март тој беше условно осуден поради тоа што не ги пријавил обвиненијата дека еден свештеник од неговата бискупија злоставувал момчиња. Кардиналот во понеделникот бил на аудиенција кај папата за да му ја предаде оставката.
-Во понеделникот изутрина ја ставив својата мисија во рацете на Светиот отец. Повикувајќи се на пресумцијата на невиност, тој не сакаше да ја прифати оставката- се наведува во соопштението на кардиналот.
Ватикан потврди дека засега не ја прифаќа оставката и оти ќе чека на одлука по жалбената постапка. Барбарин (68) останува надбискуп на Лион, но сепак, на сугестија на папата, ќе се повлече одреден период од должност и бискупијата ќе ја препушти на генералниот викар.