Големиот земјотрес во 1906 година го срамни со земја цел Сан Франциско, а оној од 1989 година му нанесе на градот значителна штета. Следниот голем земјотрес би можел да биде уште поразорен, пишува Форбс.
Проектот „Сценарио ХејВајард“ на Американскиот геолошки институт ги симулира последиците од потрес со магнитуда од 7,0 степени по должина на раседот Хејвард во заливското подрачје на Сан Франциско. Резултатите на симулацијата се загрижувачки: во потресот би можеле да настрадаат до 800 луѓе, а економските штети би изнесувале 100 милијарди американски долари.
– Прилично е извесно дека денешните жители на заливското подрачје ќе доживеат голем земјотрес – изјави Кит Портер, професор од Универзитетот во Колорадо и еден од истражувачите во проектот.
– Ова сценарио ги открива слабите точки во плановите на новите згради, постоечката водна инфраструктура, како и проблемите со пожарите по потресот и старите лифтови – додава Портер.
– Тоа е голем проблем бидејќи во делови на заливското подрачје не би имало електрична енергија повеќе од неколку дена по потресот. Замислете 20.000 луѓе кои со денови се заробени во метална кутија. Тоа е прилично морничаво – рече Портер.
Според истражувањето, четвртина од зградите во заливското подрачје по потресот ќе бидат опасни за луѓето. Ќе избувнат 450 големи пожари, ќе дојде до пукање и истекување на 4.000 цевки само во општината Ист Беј.
Истражувачите исто така предупредуваат дека последниот голем потрес во Калифорнија се случи пред интернет ерата, во 1994 година, па се наметнува прашањето како проблемите во интернет врските денеска ќе влијаат на магнитудата на хаосот по катастрофата.
Голем број научници предвидуваат следниот голем земјотрес во Калифорнија да се случи во следните 30 години, но неговите последици со извесни планирања би можеле да се ублажат. Според Портер, зголемувањето на градежните трошоци за еден отсто на нова зграда, би ги направило и до 50 отсто поцврсти.
– Големите земјотреси се неизбежни во Калифорнија. Таков потрес ќе предизвика многу сериозни загуби, но некои од тие загуби би можеле да се избегнат со размислување за иднината – заклучува Портер.