Венецуела денеска им нареди на американските дипломати да ја напуштат земјата во рок од 72 часа откако претседателот Николас Мадуро го обвини претседателот на САД, Доналд Трамп за кибер-саботажа која доведе до прекин во снабдувањето со електрична енергија.
– Доналд Трамп е најодговорен за кибер нападот врз венецуелскиот електроенергетски систем – изјави синоќа Мадуро, додавајќи оти таква технологија поседува само Владата на САД.
Шефот на венецуелската дипломатија Хорхе Ареаца изјави дека американските дипломати мора да ја напуштат Венецуела во следните три дена, а во соопштението од Владата се наведува дека „нивното присуство на венецуелска територија претставува ризик за мирот, единството и стабилноста на земјата.
Претходно, американскиот државниот секретар Мајк Помпео најави дека ќе биде повлечен целиот дипломатски персонал од Амбасада на САД во Каракас поради ескалација на кризата во Венецуела.
– Одлуката е одраз на влошената состојба во Венецуела како и проценките дека присутноста на дипломатскиот персонал во Американската амбасада стана ограничување за политиката на САД – напиша Помпео на Твитер.
Тој не презицира кога точно ќе биде повлечен персоналот од Амбасадата во Каракас.