ЈКП „Комуналец“ Прилеп ја зголеми селекцијата на собран отпад за пет отсто велат надлежните.
-Во однос на собраните 178 тони отпад од пакување минатата година, селекцијата на отпад во првите три месеци е зголемена за 5 отсто, или вкупно се собрани 187 тони отпад. Во примарната селекција на отпад ги вклучивме и руралните населени места од општина Прилеп. Во првото тримесечие се распределени 1.073 канти за домашна селекција со 582 нови корисника, во селата: Ерековци, Беровци, Алинци, Кадино Село, Галичани, Тополчани, Веселчани, Загорани, Ново Лагово, Старо Лагово и Селце. Изненадувачки за нас е што дури 96 отсто од населението ја прифати примарната селекција на отпад, на доброволна база, информираше в.д. директорот Звонко Јованоски на денешната прес-конференција.
Во текот на следните неколку денови, на различни локации во градот ќе бидат поставени нови 30 контејнери за стаклена амбалажа, што граѓаните, фирмите и угостителските објекти, треба да го одлагаат, бидејќи ако се измеша со другиот отпад, тој никогаш нема да може да се разложи.
Исто така, ЈКП „Комуналец“ од „Пакомак“ има добиено и картонски корпи за селекција на хартија и отпад од пакување, кои се идеални за собирање на хартиен отпад во фирмите, јавните установи и други институции. Доколку кај нив постои интерес за поставување на вакви корпи, јавното комунално претпријатие бесплатно ќе им ги донира.
Во Прилеп, ЈКП „Комуналец“ има распределено вкупно 16.703 канти за домашна селекција со вкупно 8.918 корисници, што значи дека градот е опфатен со 68 отсто покриеност со селекција на отпадот. Максимална 100 проценти покриеност е постигната со контејнерската селекција, при што се поставени 472 контејнери за мешан отпад, 415 за ПЕТ амбалажа, 45 за стаклена амбалажа.
Според официјалните податоци од „Пакомак“, кој е колективен постапувач за управување со отпад од пакување, a имајќи ги во вид количините на собран отпад во 2017 година, ЈКП „Комуналец“ е во предност пред 15-те најголеми комунални претпријатија во државата.
Ка.М.